Македонија
1. April 2020 - 12:36

Македонија прв пат ќе седне на масата на НАТО како полноправна членка

Преку видеоконференција утре ќе се одржи првиот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, на кој полноправно ќе учествува и Македонија.

Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, утрово го најави дневниот ред на утрешниот министерски совет, кој за прв пат ќе се одржи преку безбедна видео врска помеѓу триесетте земји сојузнички на НАТО.

– Утре ќе и посакаме добредојде на Македонија како триесетта земја членка, дури и во овие тешки времиња продолжуваме да гледаме напред, изјави Столтенберг.

Земјите членки на Алијансата утре во најголем дел ќе се фокусираат на координирање на помошта во борбата против пандемијата со коронавирусот и ќе бидат претставени мерките што НАТО и нејзините членки ќе ги преземат за време на кризата.

– Ова е глобална здравствена криза. Нашите мисли се со сите жртви на пандемијата и нивните блиски. Им благдариме на сите оние што се во првите линии – здравствените работници, поддржани со цивилни напори. НАТО има своја улога да помогне во оваа борба со невидливиот непријател, рече Столтенберг.

Како што објасни генералниот секретар пред два дена, Алијансата помага, меѓу другото, преку пренесување и обезбедување медицинска опрема како маски или шатори за мобилни болници, но и преку взаемна поддршка на земјите членки. Па така, на пример, Турција испраќа карго авион со опрема во Италија и Шпанија, Германија презема пациенти од други земји во своите болници, а лекари патуваат да им помогнат на нивните колеги во странство.

– Доктори од Албанија и Полска отпатуваа да им помогнат на нивните италијански колеги. САД испрати медицинска опрема во Италија. Чешка донираше 20.000 заштитни одела во Италија и Шпанија, рече генералниот секретар на НАТО.

Столтенберг изјави дека Македонија, како најнова членка, исто така го користи системот за одговор на кризи на Алијансата за да се координира на владино ниво.

– Витална е помошта за цивилните напори, вклучително преку теренски болници, транспорт, обезбедување на граничните премини, утре кога ќе се состанат министрите ќе ги разгледаме начините на координација користејќи ги воените капацитети на НАТО, рече Столтенберг.

На утрешниот состанок, ќе се разговара и за зајакнување на одговорот на земјите на НАТО во справување со кризата со Ковид-19, но и за основните операции и мисии на Алијансата.

– Ќе разгледуваме како да ги искористиме воените капацитетите и структурата на НАТО, за да ја зголемиме и забрзаме нашата поддршка на националните одговори на Ковид-19, бидејќи сите заедно сме во оваа криза и нашиот заеднички одговор ќе биде поефективен. Клучната задача на НАТО, безбедноста и одбрана на над милијарда луѓе во светот, мора да се сочува и мора да се осигуриме дека оваа здравствена криза нема да прерасне во безбедносна криза, предупреди генералниот секретар.

Сојузниците утре ќе разговараат за борбата против тероризмот, мировниот план за Авганистан и помошта за Украина и Грузија.