Македонија
11. July 2018 - 16:04

Македонија добива покана за почеток на пристапните преговори во НАТО

Македонија денеска добива покана за старт на перговорите за членство во НАТО. До влезот во Алијансата, земјава ќе мора да ги имплементира сите чекори и процедури предвидени во договорот за решавање на спорот за името со Грција. Ова е наведено во нацрт-заклучоците на Самитот на НАТО, кој денес и утре се одржува во Брисел. 

- Во 2008 одлучивме дека НАТО ќе и додели покана на ПЈРМ за влез во Алијансата штом се изнајде заеднички прифатливо решение за името во рамките на ОН. Го поздравуваме историскиот договор помеѓу Атина и Скопје за решение за спорот за името. Во согласност со нашата политика решивме да ја поканиме Владата во Скопје да започне преговори со Алијансата. Целосна имплементација на сите предвидени внатрешни процедури во однос на договорот за решение на спорот за името е услов за успешно заокружување на пристапниот процес, стои во нацрт заклучоците.

Ова вчера го најави и генералниот секретар на Алијансата, а овие заклучоци треба да бидат и официјано потврдени од страна на сите 29 членки на состанокот закажан за доцна попладнево.

Позитивен исход очекува и македонската делегација.

На дводневиот самит на Алијансата во Брисел најавено е и обраќање на премиерот Заев на конференцијата НАТО- ангажмани.

На самиот старт на самитот Македонија доби поддршка за членство и од германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен и хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ.