Македонија
13. February 2020 - 16:48

Македонец заразен со коронавирус

Македонец, член на екипажот на крузерот Дајмонд Принцес заболел од опасниот корона вирус. Вчера бил хоспитализиран во јапонска болница, каде според информации на Сител двапати дневно е подлежен на проверка на состојбата иако имал поблага форма на болеста. Двајцата Македонци кои останаа на бродот, меѓу кои и жената се добри и без симптоми на Ковид-19. Имаат заштитна опрема бидејќи се во контакти со патниците.  Информацијата за заболениот македонски граѓанин ја потврдија од Министерството за надворешни работи од каде велат дека амбасадата во Токио била во постојана комуникација со нашинците. Ќе бидат заробени на крузерот уште една недела, по што ќе им биде соопштено што понатаму. На бродот  досега има 218 заразени со вирусот и сите се пренесени во болница.

-Министерството за здравство на Јапонија продолжува со спроведување на тестови за присуство на коронавирусот кај лицата кои се наоѓаат во карантин на бродот. При вршење на анализите предност имаат лица со симптоми кои укажуваат на присуство на вирусот, лица над 75 годишна возраст и лица со хронични заболувања, информираат од македонското МНР.

Македонските здравствени власти контролираат на аеродромите и граничните премини, но досега во земјата не влегол ниту едне сомнителен случај. И покрај тоа, апелираат до граѓаните да ги почитуваат мерките за превенција меѓу кои е посебна заштита при подготовка на храната како и носење на заштитна опрема при контакти со животни.

Вчерашниот ден во Кина бил најсмртоносен од појавата на опасниот корона вирус. За 24 часа починале повеќе од 240 заболени а повеќе од 14.000 биле новозаразени. Бројките се големи, бидејќи според објаснувањето од СЗО, освен лабораториските потврди, заразените ги евидентирале и само со радиолошка снимка. На вонредниот состанок во Брисел, министрите за здравство од ЕУ одлучиле заеднички да работат да се спречи ширењето на вирусот на стариот континент.

-Комисијата и финансиски ќе ги поддржи земјите за да бидат подготвени во делот на медицинска помош и заштитна опрема, изјави Вили Берош, министер за здравство на Хрватска

-Главната цел на денешниот состанок беше да видиме до каде сме, колку сме подготвени но и што е она што во иднина ќе мора да го преземеме, изјави  Стела Киријакидис, еврокомесар за здравство.

Денеска е потврдена прва жртва од коронавирусот во Јапонија, а град во Виетнам 20 дена ќе биде во карантин поради страв од ширење на вирусот.