Македонија
8. јуни 2021 - 17:23

Македонците во редици за вакцинација во Врање

Откако на македонските граѓани им е овозможена имунизaција без претходна пријава преку српската владина е-управа, пред главниот пункт за вакцинација на Здравствениот дом во Спортската сала во Врање, се формираат редици и гужви од големиот број граѓани на Македонија кои денеска пристигнаа во Врање за вакцината против вирусот Ковид-19, јави дописникот на МИА од Белград.

Од Здравствениот центар во Врање соопштија дека заради зголемениот број на луѓе зајакнати се сите пропишани епидемиолошки мерки, „пред се мерките за заштита и дезинфекција, како и дезинфекција на просторот“.

-На граѓаните на Република Македонија им беше наложено да не прават гужви и им беше кажано дека сите ќе бидат вакцинирани, изјавија од Здравствениот центар во Врање, соопшти порталот Нова рс.

Последните неколку дена, стотици Македонци се вакцинирани во Врање, а само вчера вакцинирани се 599 лица, покажува статистиката на Здравствениот центар.