Фудбал
19. October 2016 - 10:34

ЛШ: Јуниорите на Вардар вечерва го играат реваншот со Салцбург

Јуниорите на ФК Вардар кои се првата екипа од Македонија која настапува во Лигата на шампионите вечерва во 19ч на Филип Втори го играат реванш дуелот со Салцбург. Австријците победија во првата средба со 5-0 но мотивот кај црвено-црните за реванш е голем:

 
„Во однос на натпреварот, она што од првиот меч па се до денеска на некој начин ме 'боли' е тоа што никој не се потруди да ја добие вистинската слика против кого младинците на Вардар играа, а прочитавме многу критики за играта и за резултатот. Повеќемината не се свесни дека ние игравме против чисто професионална екипа. Нашите фудбалери имаат квалитет и тоа никој не може да им го оспори. Имаме 10 победи од 10 меча на стартот во домашното првенство и во Купот што го покажува нашиот квалитетот, и сосема е различно кога се игра против една таква професионална екипа“, вели Марковски.
 
Марковски верува дека овие играчи ќе дадат се од себе за да дојдат барем до победа на реваншот.
 
„Што се однесува до очекувањата, нереално би било да кажеме дека ќе излеземе на теренот и дека можеме да ја стигнеме разликата. Јасно е дека предноста е на страната на противникот, но можеме да ветиме дека ќе дадеме се до себе за добар резултат на наш терен. Од она што го гледавме видовме дека младинскиот тим на Салцбург е сосема една екипа кога игра дома, а сосема друга кога игра на гости. Згора на тоа дел од нивните играчи вчера имаа натпревар за Лиферинг, па уште не знаеме со кој состав ќе допатуваат. Тие неколку фудбалери менуваат многу во нивниот квалитет, но без разлика на сето тоа, и натаму тие се во предност. Ние ќе се обидеме да дојдеме до победа, што ќе биде голем успех за оваа млада екипа, и сигурно еден мотив повеќе за нашите млади играчи понатаму“, изјави тренерот на младинскиот тим на Вардар.
 
На прашањето колку фактот што натпреварот ќе се игра на Националната Арена може да претставува мотив повеќе за овие млади момци да одиграат добар меч и да се израдуваат барем на победа, Марковски одговори:
 
„Тоа што ќе се игра на Арената „Филип Втори“ за некого ќе претставува мотив повеќе. Но, за голем дел од овие играчи ќе биде прва средба на нашиот најголем стадион. Сигурен сум дека момците ќе дадат се од своите можности да се обидат барем да победат на реваншот, со оглед дека предноста на Салцбург од првиот меч е огромна и речиси недостижна“, рече Марковски.