ЛШ: Англиските екипи поуспешни од италијанските
Англиските клубови Ливерпул и Тотенхем остварија пласман во осминафиналето по драматични случувања во последното коло од групите. Најмногу загуби Интер кој не успеа да го совлада ПСВ Ајднховен и ќе продолжи во Лига Европа.
Ливерпул играше против директниот конкурент Наполи и ја оствари потребната победа од 1-0 со погодокот на Салах во 34-тата минута. Наполи имаше свои шанси за избегнување на поразот но не успеа да ги искористи па победата на ПСЖ во Белград против Црвена Звезда од 4-1 ќе ги продолжи натпреварите во Лига Европа.
Французите доминираа против поранешниот европски првак и лесно ја остварија посакуваната победа. Четирите гола за гостите ги постигнаа Нејмар, Кавани, Маркињос и Мбапе. Интер остана во шок откако не успеа да го совлада ПСВ Ајднховен и му го препушти второто место на Тотенхем. Холандскиот тим водеше долго со погодокот на Лозано. Конечните 1-1 ги постави Икарди но тој резултат беше недоволен откако Тотенхем остана непоразен во Барселона каде Лукас по акцијата на Кејн израмни за конечни 1-1 со што го анулира погодокот на Дембеле на стартот од мечот.
Вечерва вниманието го привлекува мечот во Киев каде Шахтјор го пречекува францускиот Лион. На Украинците им е потребна победа за да се пласираат во осминафиналето додека на Лион му е доволен бод. Во вториот меч од оваа група играат Манчестер Сити и Хофенхам. Во останатите групи нема да има драматика бидејќи сите дилеми се решени.
-
Зоран Николовски
Сите содржини од овој новинар