Македонија
29. јуни 2019 - 8:41

„Љубов и револуција“ – концерт на Филхармонијата во Градскиот парк

Во Градскиот парк вечер од 21 часот ќе биде изведен концертот  „Љубов и револуција“ – втор од проектот „Филхармонија на отворено“ по првиот концерт „Ну погоди“ што беше одржан во неделата.  Овојпат премиерно ќе бидат изведени хитови од поп-рок и панк музиката.

Под диригентската палка на Џијан Емин и во негови аранжмани ќе бидат изведени песни на култните „Рејдиохед“, Ник Кејв, „Бисти Бојс“, „Продиџи“, „Нирвана“, Дејвид Боуви, „Секс Пистолс“, „Клеш“, Џими Хендрикс, „Пинк Флојд“, „Рамштајн“… Заедно со оркестарот на Филхармонијата ќе настапи и хорот „ПроАрс“ со диригентот Сашо Татарчевски. 

- И овој концерт, како и првиот, претставува уникатна идеја во смисла на тоа ваков тип на композиции да бидат изведени од симфониски оркестар и хор, што е ретка практика и во светот, соопшти Филхармонијата, додавајќи дека првиот концерт „Ну погоди“, со музика од познати цртани филмови од Источниот блок во 1970-тите и 1980-тите, бил фантастичен настан што го посетиле илјадници вљубеници во музиката од најразлични генерации.

Двата концерта Филхармонијата ги организира во соработка со Младинскиот културен центар и Град Скопје.