Фудбал
1. April 2017 - 17:34

Ливерпул подобар од градскиот ривал Евертон

Фудбалерите на Ливерпул го победија Евертон 3:1 (2:1), во 228-то „Мерсисајд“ дерби. Мане, Кутињо и Ориги беа стрелци за Ливерпул, а младиот Пенингтон го постигна едниствениот гол за Евертон.
 
Ливерпул во градското дерби максимално го искористи проблемот кој Евертон, односно менаџерот Куман, го има со повредените фудбалери и успеа да забележи рутунска победа.
 
Поради тоа Куман мечот го започна со тројца млади играчи: Пенингтон, Холгејт и Каквер-Левин, кои пред дербито заедно имаа одиграно 15 натпревари во Премиерлигата.
 
Ливерпул максимално го искористи нивното неискуство, особено на Пенингтон, бидејчи преку неговата позиција (десен бек) „црвените“ ги исградија акциите при постигнувањето на сите три гола.
 
Евертон нема триумф над градскиот ривал од 2010 година, а последен пат на „Енфилд“ победил во 1999 година.
 
Првиот гол на натпреварот го постигна Сенегалецот Мане, кој лесно мина низ одбраната на Евертон и го совлада Роблес.
 
Евертон израмни преку Пенингтон во 28.минута. Младиот бек најдобро се снајде во една мешаница и од непосредна близина ја погоди мрежата.
 
Само три минути подоцна Кутињо му донесе ново водство на Ливерпул. Ливерпул напаѓаше по левата страна, а Бразилецот со убав удар го погоди спротивниот агол од голот на Роблес.
 
Конечниот резултат во вториот дел го постави Ориги, кој неколку минути пред постигнувањето на голот го замени повредениот Мане. Белгиецот од работ на шеснаесетникот со прецизен удар го натера Роблес уште еднаш да ја вади топката од својата мрежа.