Свет
22. August 2023 - 11:27

Лидерите на неколку земји доаѓаат во Бугарија во октомври да разговараат за регионалното поврзување

Бугарскиот премиер Николај Денков на 9 октомври годинава ќе ги пречека премиерите на Грција, Киријакос Мицотакис и на Романија, Јон-Марчел Чолаку, соопштија од прес-службата на Советот на министри.

Поканети се и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателката на Молдавија, Маја Санду.

Средбата беше договорена за време на еднодневната посета на Денков во Атина, јави БТА.

Главна тема на разговорите кај Варна ќе биде регионалното поврзување и поконкретно проектот за коридор од Солун преку Кавала, Александрополис, Бургас и Варна до Констанца, со можност за продолжување до Молдавија.

Идејата е да се изгради модерна транспортна, комуникациска и енергетска инфраструктура долж трасата, која ќе ги активира економските и политичките односи меѓу вклучените земји.