Свет
23. May 2016 - 9:52

Либиската крајбрежна стража сопре 850 мигранти на отворено море

Либиската крајбрежна стража вчера пресретна околу 850 мигранти во  водите близу западниот град Сабрата, соопшти портпаролот Ајуб Касем

Мигрантите се од повеќе африкански држави и меѓу нив има 79 жени, меѓу кои 11 бремени, и 11 деца. Пловеле во гумени чамци, соопшти Касем, пренесува БТА.

Либија е основната точка на поаѓање на африканските мигранти, кои доаѓаат претежно од Супсахарска Африка, и коишто се обидуваат да стигнат во Европа преку море, организирани од посредници, со пловидби, кои се прилично несигурни и непригодни за преминување на Средоземното Море.

Миграцискиот бран се зголеми по хаосот настанат по симнувањето од власт на долгогодишниот либиски претседател Моамер Гадафи.

Над 30.000 мигранти веќе пристигнаа во Италија оваа година, преку централната средоземноморска рута, а летово се очекува нивниот пат да го следат и уште повеќе, поради се поповолните временски прилики.

Меѓународната организација за миграција утврди дека во Либија има 235.000 мигранти, но сметаат дека реалниот број е доста поголем и е некаде меѓу 700.000. и еден милион. Некои од нив или остануват во Либија, за да работат, по што се враќаат во својата земја, или пак продолжуваат кон Европа.