Македонија
28. September 2017 - 16:44

Лекарите бараат да сопре насилството врз нив

Лекар бил претепан од пациент и негови роднини. Најмалку по еден ваков случај месечно регистрираат во Лекарската Комора. Исто така секојдневно добивале информации за вербални напади во ординациите или на социјалните мрежи врз здравствените работници.

Иако веќе 2 години според законот за здравствена заштита лицата во бел мантил се службени лица и насилството врз нив се смета за кривично дело досега многу малку вакви инциденти добиле судска разрешница.

За да престане тепањето и навредите денеска претставниците на министерството за здравство лекарската, стоматолошката и фармацевтската комора како и здружението на сестри, тхничари и акушерки потпишаа декларација и кажаа Стоп на насилството.

-За разлика од полициските службеници со нашата униформа се бришат подови. Кај нас имаше доктор што беше пукано во него, имаше докторка која беше убиена од колега, насилството не го вршат само семејствата на пациентите, го вршат и колегите едни на други. Докторите, стоматолозите, фармацевтите, сите имаат право да одат на работа безбедно, сите во државава па и ние…Никој нема право да не тепа, тоа е она за што ние се бориме, изјави проф. д-р Калина Гривчева Старделова, претседател на Лекарската комора.

-Статистиките укажуваат дека имаме големо зголемување на бројот на немили инциденти кај колегите без оглед дали се во приватниот или јавниот сектор, особено е важно да влијаеме овој исход да се намали.– вели проф. д-р Владо Поповски- претседател на стоматолошката комора.

Декларацијата најверојатно ќе биде вметната во новиот закон за здравствена заштита.

-Во тек е изработката на новиот Закон за здравствена заштита , сето она што ќе биде договор на Здруженијата на лекарите односно Лекарската комора, Стоматолошката и Фармацевтската комора ќе разговараме и имаме расположение да бидат вградени овие предлози во новиот закон за здравствена заштита.– Владимир Милошев- државен секретар во Министерството за здравство.

Позади декларацијата за Стоп на насилството стојат околу 20.000 здравствени работници а потпшишувањето се резлизираше на 25 годишнината од основањето на Лекарската комора.