Бизнис
13. February 2018 - 19:39

Квалитетот, а не цената ќе биде одлучувачки при јавните набавки

Најниската цена повеќе нема да биде главен критериум при јавните набавки. Наместо тоа приоритет ќе има економски  најповолната понуда односно најдобриот однос помеѓу цената и квалитетот.

Според првиот финансиер Тевдовски досегашната пракса довела до тоа граѓаните во многу случаи да плаќаат за производи со лош или сомнителен квалитет кои ги набавиле институциите.

Често договорите се менувале со анекси и чинеле поскапо.  Измените ќе бидат вградени во новиот Закон за јавни набавки.

-Секако дека во многу случаи како што е набавка на канцелариски материјал ќе остане најниската цена, и онаму кај што е важен квалитетот и животниот век на траење на производот, набавки во болници, материјали за градење, набавка на опрема многу поважни ќе бидат оние параметри на квалитет на производи и колку ќе траат, вели министерот Тевдовски.

Со новиот Закон за јавни набавки електронската аукција нема да биде задолжителна. Опциуоно ќе се одлучува дали ќе се користи или не, бидејќи забалешките на стопанствениците и европските експерти покажале дека во многу случаи аукциите довеле до незаконско договарање на понудувачите и повисоки цени. Неодамна отворените податоци за јавните набавки открија дека само лани, биле потрошени околу 40 милиони евра за набавки во “ четири очи “ односно без објавување на оглас.

Од утре стартуваат и јавните дебати со коморите и стопанствениците на кои ќе се разговара за сите нивни предлози и забелешки кои треба да бидат вградени во новиот Закон за јавни набавки. По ова ќе има дебати и во друго градови низ змејава. Тевдовски очекува до крајот на март Предлог законот да влезе во владина процедура.