Македонија
8. јуни 2023 - 13:34

Кузеска: Нови околности откако ВМРО-ДПМНЕ прифатија уставни измени и учество во Влада

Почитувани граѓани, почитувани медиуми,

По вчерашната средба имаме нови околности на политичката сцена во земјата.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, јавно кажа дека ВМРО-ДПМНЕ не е против уставните измени.

Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ де факто го променија ставот, прифатија уставни измени и прифатија учество во Влада за европска иднина на паритетна основа, со ист број на министри.

Дури и условот ДУИ да не биде дел експресно беше прифатен од страна на ДУИ, само да не се измислуваат нови и нови услови.

Од друга страна прифатено е барањето измените на Уставот да важат одложено, односно од денот на одржувањето на втората меѓувладина конференција.

Барањето за избори што понатаму ќе ги спроведе заедничката влада исто така е прифатено.

СДСМ како одговорна, државотворна партија повторно покажа државнички капацитет и уште еднаш потврди дека иднината на граѓаните и интересот на државата се на прво место.

Сега врз основа на новите околности на политичката сцена потребно е дијалогот да продолжи.

Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се целосно заштитени.

Преговарачката рамка во себе ги содржи сите гаранции, преговорите се одвиваат и ќе продолжат да се одвиваат на официјален македонски јазик, без фусноти и додавки, јазик рамноправен со останатите јазици на ЕУ.

Дополнително, една голема европска држава наскоро ќе донесе Резолуција со која се потврдува дека се препознава и признава недвосмислено македонски јазик, идентитет и македонска култура.

Почитувани,

Членството во ЕУ е стратешка цел на државата, врвен приоритет на генерации македонски граѓани и оттаму, обврска на сите политички субјекти да се реализира таа цел.

Потребно е национално единство да го заокружиме овој процес, да обезбедиме европска иднина за сегашните и идните генерации.

Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ