Балкан
3. March 2021 - 13:48

Курти од Тирана: Албанските граѓани имаат потреба од промени

Лидерот на Движењето „Самоопределување“ и кандидат за нов косовски премиер, Албин Курти, од Тирана порача дека на Албанците во Албанија и на Косово им требаат промени.

-На Албанците им требаат промени, како и на Косово. Незадоволните Албанци се надеж на Албанија, следствено и наша. Ние не ги разликуваме нив. Нивните посебни проблеми се поголеми. Јас ќе воспоставам најдобри односи што некогаш ги имал еден премиер со Албанија. Ќе ги започнам средбите. Тука ќе се сретнам и со државни претставници. Јас сум три дена тука, бидејќи ќе ги претставам тројцата кандидати на нашата партија за претстојните парламентарни избор, изјави Курти.

Тој се задржа и на Специјалниот суд во Хаг, кој, како што рече, работи само со борците на ОВК.

-Специјалниот суд во Хаг работи само со борците на ОВК. Ние ќе имаме судови во Косово. Со процесот на проверка-ветингот, со новиот оддел на судови од областа на трудот, ќе ги намалиме тие половина милион случаи што се во палатата на правдата. Ќе донесеме правда за граѓаните. Ние ќе ги третираме сите тврдења. ОВК водеше праведна, чиста војна. Ако има претензии од која било меѓународна институција за поединци на ОВК, ќе имаме нов систем кој ќе им даде приоритет на овие случаи. Ние сме со борците на ОВК, тие се со народот на Косово, рече Курти.

Додаде дека 20.000 ветерани „припаѓаат на средната класа, бидејќи некои од нив и понатаму се сиромашни“.

Презентирајќи ги кандидатите за пратеници на неговата партија во Албанија за парламентарните избори на 25 април, Курти посебно го нагласи ангажирањето на Боикен Абази.