Македонија
17. December 2019 - 9:35

Кумановец рачно изработува изворни музички инструменти

Седумдесет и тригодишниот Никола Мишевски од Куманово со децении изработува изворни музички инструменти карактеристични за македонското поднебје. За изработка на инструментите тој користи природни материјали, дрвја, кожа од животни, ги декорира и резба. Во неговата куќа во кумановската населба Перо Чичо неколку соби целосно се опремени со музички инструменти, декорации, народни носии, кои го покажуваат богатото фолклорно наследство на кумановското подрачје. Иако музички необразован, сам се научил да свири на ќемане, гајда, тапан. Откако станал пензионер, член е на културно-уметничкото друштво „Ѓоко Симоновски“, кое функционира при Здружението на пензинери од Куманово.

– Роден сум во село Бељковце. Мојот чукундедо свирел на гајда, затоа и сакав да научам да свирам. Прво што направив е кларинет од дрво што ми го подари учител од село Клечовце. Тоа беше аматерски обид, на кларинетот не можеше да се свири, но го изработив со голема љубов. Потоа направив кавал на кој се учев да свирам, раскажува Мишевски.

Сепак, нему најдраг инструмент му е ќемането. Со гордост го покажува ќемането што го изработил во 1958 година.

– Го изработив од дрво, јавор од Црна Гора. Го ставив сировото дрво во шталско ѓубре за да не пука. Потоа се сушеше, го изработив и го украсив со резба, обајснува Мишевски.

Го покажува инструментот со црвеникава боја и нагло ја повлекува жицата за да го долови звукот што го произведува. Вели дека кога свири на ќемане, чувствува огромна радост.

– Каде и да сум свирел на ќемане, секогаш ме враќале да отсвирам уште една, вели самоукиот музичар и изработувач на инструменти.

За него најубава песна што може да се отсвири на овој инструмент е „Седнал Марко со мајка да вечера“, стара песна посветена на Крале Марко.

Како професионален возач работел во земјите од Западна Европа, но и во земјите од Блискиот Исток. Во гратче во Ирак додека возел камион случајно наишол на свадба на која се свирело на  ќемане.

– Таму доста се користи, се присетува.

Мишевски изработил и гајда, исто така од природни материјали, од кожа од овен, од јаре. Детално го опишува процесот на изработка. Користел дрво од костен.

– Гајдата ја изработив во родното село, немаше електрична енергија, а со мене немав баш ни некој алат. Користев дрвце за да мерам. Со три сврдлиња, знаете, тоа е налик на бургија, ги издлабив отворите, вели Никола.

Речиси секој предмет и украс ги изработил самостојно. Саксии, инструменти, народни носии, гусла, кавали.

– Како клукајдрвец сум, постојано нешто делкам, резбам, се шегува самиот.

Со културно-уметничките друштва „Ѓоко Симоновски“ и „Панче Пешев“ настапувал насекаде во државата, но и во Србија и Романија.

Мишевски вели дека изворните инструменти ја покажуваат душата на еден народ и не треба да се забораваат. Тие ги пренесуваат звуците на минатото и убаво е да слушаат, бидејќи, додава, ве враќаат во едни далечни времиња.