Бизнис
10. јуни 2021 - 16:43

КСС реагира на неправедна поделба на К-15, пари нема за здравство, образование, војска и полиција

Дискриминирачки е односот на државата кон буџетарите, реагираат синдикалците. Тие не се задоволни од одлуката на Владата, со која К-15 ќе има само за тие кои најмалку работеа во време на пандемија.

“Испаѓа дека државата за некого е мајка за некого е маќеа. За дел на државната администрација државата е мајка, за останатите други многу важни сектори во државата кои што, исто така, се финансираат од државниот буџет државата е маќеа. Од таа причина ние реагиравме и повторно ќе реагираме. Вакви заеднички прашања од заеднички интерес, кои што се финансираат од централниот буџет на државата мора да се регулираат со општ колективен договор. Ова е навистина неправда. Тука сме ние, акко дејност образование, наука и култура, тука е здравството исто така, голем сектор, полицијата, армијата... Испаѓа дека ние не сме битни во општеството како работници”, вели Јаким Неделков, претседател на СОНК.

Синдикалците немаат ништо против да се дели К-15, но сметаат дека им следува на сите. За да се реши проблемот бараат да се потпише нов општ колективен договор. 

“Нема да земат сите. Ќе земат само 16.000 до 17.000 државни службеници К-15 од причина што колективниот договор кој што се потпиша во 2019 година, кажавме и тогаш, дека е дискриминирачки, се потпишува за 55.000 работници, а само 17.000 имаат право на К-15”, вели Благоја Ралповски, претседател на Конфедерација на слободни синдикати.

Со ребалансот Владата обезбеди скоро 4 милиони евра за исплата на К-15. Одлуката предизвика остри реакции во јавноста бидејќи пари има за општинарите, владините службеници и правосудството, но нема за просветните, здравствените работници, Полицијата и Армијата.