Македонија
24. January 2016 - 13:49

Кривична пријава за струшкиот градоначалник

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против градоначалникот на Струга З.С.(44) од струшкото село Ливада, Р.Х.(48) од Велешта, Ѓ.Д.(50) од Струга и В.Л.А.(60) од Скопје. 

Како што соопшти денеска МВР, првопријавениот З.С. во својство на градоначалник на општина Струга и одговорно лице во правно лице, во 2014 година издал паркинг за моторни возила во близина на зградата на Министерството за одбрана во Струга кај градското пливалиште кое со решение е означено како локација под заштита на државата.

Тој со закупувачот ДООЕЛ „Пошка – Сони“ од струшкото село Франгово потпишал договор за  период од 12 август 2014 година заклучно со 11 август 2016 година, а не за три месеци како што е предвидено во тендерот согласно предходно донесената одлука за утврдување најуспешен учесник на надавањето од 15 јули 2014 година со вкупно 30 паркинг места за три месеци во текот на тековната годината (јуни, јули и август 2015 година). На 22 септември 2015 година, при извршена контрола констатирано било дека горенаведеното претпријатие иако требало да прекине со наплата на услугите за паркирање, сепак продолжило со наплата на паркинг услуги.

Покрај ова, пријавениот З.С. во својство на градоначалник на општина Струга спротивно на Законот за постапување со бесправно изградени објекти и Законот за градба, во февруари минатата година, издал решение со кое се утврдува правниот статус на три бесправно изградени објекти на име на општина Струга, а на штета на Република Македонија.

Второпријавениот Р.Х. во својство на раководител на секторот за урбанизам при општина Струга, спротивно на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, издал урбанистичка согласност за бесправно изграден објект со кое се констатира дека се исполнети условите за издавање на урбанистичка согласност. Третопријавениот Ѓ.Д. како претседател на Комисијата за легализација на бесправно изградени објекти при Општина Струга, спротивно на Законот за постапување со бесправно изградени објекти составил записник за легализација на бесправно изграден објект. Четврто пријавениот В.Л.А. во својство на директор на Управата за заштита на културно наследство при Министерството за култура, со акт од октомври 2014 година, издал согласност дека може да биде регулиран правниот статус на објектите при тоа во согласноста не укажал дека може да се промени носителот на сопственост.

Како што стои во соопштението од МВР, предметните три објекти кои датираат уште од 1934 година не можеле да бидат предмет на легализација бидејќи  објектите, со решение од Министерството за култура - Управа за заштита на културно наследство, биле прогласени како објекти од значајно културно наследство во сопственост на Република Македонија. Според законот за приватизација и законот за градење, градбите односно објектите кои се изградени пред 15 февруари  1968 година се сметаат за објекти кои што се со уредна градежно техничка документација и без оглед дали поседуваат таква документација се сметаат за легални објекти.