Македонија
12. December 2016 - 16:36

Кралицата на ромската музика Есма Реџепова денеска беше погребана на градските гробишта Бутел

Претседателот Ѓорѓе Иванов, Министерката за Култура Елизабета Канчевска Милевска, Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, голем број на политичари и естрадни уметници за последен пат се збогуваа со Есма Реџепова - Теодосиевска.

На комеморативната седница на Советот на Град Скопје, посветена на кралицата на ромската музика, виолинистот и естраден уметник Зоран Џорлев, рече дека Есма беше 50 години врвен естраден уметник, јубилеј кој ретко кој може да го оствари.

Ја изгубивме личноста која беше еден од најголемите претставници на Македонија во светот, посочи градоначалникот Трајановски.

На местото на кое што вообичаено седеше Есма, беше поставено бело цвеќе. Во холот на Град Скопје беше отворена и книга на жалост, во која сочуство изразуваа присутните на комеморацијата.

Легендарната музичка звезда почина вчера, на 73 годишна возраст, по кратко но тешко боледување. Есма е носител на титулата Национален уметник на РМ од 2013, а во својата 55-годишна кариера има снимено 60 албуми, на 15 јазици. Таа никогаш не роди свои, но посвои и одгледа 47 деца.

Погребот на посмртните останки на кралицата на ромската музика беше извршен денеска, на градските гробишта во Бутел.