Македонија
20. October 2020 - 21:17

Ковид - капацитетите во струмичката болница исполнети до последниот кревет – каде ќе се лечат болните од корона вирусот?

Сите капацитети на струмичката болница наменети за ковид позитивни пациенти се полни. Освен инфективното одделение во кое веќе подолго време нема слободен кревет, повеќе нема место ниту во дополнителниот дел кој беше адаптиран за оваа намена. Директорот на болницата вели дека за сега успеваат некако да ја менаџираат ситуацијата и да одговарат на потребите, се бара решение и за дополнителен простор, но секој ден оди се потешко. Освен просторот, сериозен проблем им претставува и недостатокот на персонал.

Министерството од понеделникот испратило еден доктор во Струмица, , но тој не е доволен за да се одговори на потребите наметнати од актуелната ситуација.

Болницата побарала согласност и за вработување под договор на дело на шест медицински сестри кои треба да го комплетираат потребниот број на персонал во инфективниот оддел. Директорот вели невработени сестри кои чекаат работа има, потребна е само согласност од страна на министерството.

Според последната статистика во Струмица има  регистрирано 606 случаи на ковид позитивни од кои 364 во моментов се активни. Меѓу позитивните беа и 6 медицински сестри и двајца доктори.