Македонија
24. September 2022 - 16:56

Ковачевски за ВОА: Опозицијата е против стратешките интереси, не очекува ужасна зима

На прагот е тешка и незивесна зима предупредува премиерот но тврди дека Владата ги користи сите ресурси за да обезбеди струја во државата. Се водат активни разговори, се бара помош од соседството и регионот порача премиерот Ковачевски во интервју за Гласот на Америка.

 „Со министрите од економските ресори, претседателот на Стопанската комора, и во согласно со нашите добрососедски односи, кои во последните 5 години ги изградивме со сите соседи, водиме разговори со Србија, Бугарија, Грција, почнавме и со Турција. Оваа зима ќе биде ужасна. Во ОН сите зборуваат за кризи. Оваа година има недостиг на електрична енергија и достава на храна за голем дел од светот. Македонија го зголеми домашното производство на струја. Обезбедуваме електрична енергија за граѓаните и малите потрошувачи. Се обидуваме да обезбедиме струја преку директни договори со други држави.“

Освен енергетската криза поради војната во Украина, дополнителен проблем според Ковачевски е што во Македонија има политички партии кои се противат на членството во ЕУ. Премиерот посочи дека институциите се на удар на голем број хибридни напади.

„ Најконкретно, е партијата Левица, за кои гледате дека имаат отворена соработка со партии од Русија, меѓутоа мене ме загрижува и однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ, кое секогаш се противи на стратешките интереси на државата. Тие беа против Преспанскиот договор и зачленувањето во НАТО, а сега беа против предлогот на Европскиот совет, преговарачката рамка и отпочнување на преговорите со ЕУ, за подоцна да се затскријат зад македонските граѓани, почнаа една против-уставна иницијатива за референдум, и ја поддржуваат иницијативата која ја промовира Левица, која се однесува на стопирање на државата на патот кон ЕУ. Сметам дека тоа е апсолутно погрешно и спротивно на стратешките интереси на државата и за што граѓаните пред 31 година го одлучиле со создавањето на своја независна и суверена држава.

Ковачевски оцени дека државата влегува подготвена во процесот на преговори, половина од македонските закони се веќе усогласени со европското законодавство. Скрининг процесот очекува да заврши до следниот ноември и со ангажирање на сите капацитети,според премиерот  многу е реално  до 2030 г. Македонија да стане рамноправна членка на Унијата.