Македонија
3. September 2022 - 16:42

Ковачевски за РТС: Имаме јасен патоказ, уставните измени ќе се случат

Македонија има јасен патоказ како ќе ја надмине и последната пречка за формален старт на преговорите со Унијата. По тридневиниот самит на Отворен Балкан, премиерот Ковачевски во интервју за РТС вели дека е задоволен од преговарачката рамка во која стои чист македонски јазик, загарантиран идентитет и историски прашања надвор од преговарачкиот процес. Поради сето ова Ковачевски вели дека не гледа пречки и за уставни измени во кои покрај Бурарите, македонскиот устав ќе се збогати и со сите други етнички заедници кои живеат во државата, по примерот намногу други европски држави.

Она што ние го имаме како обврска на тој пат, што впрочем го имаа и голем број на други земји е уставно прилагодување со тоа што Северна Македонија има уште една дополнителна активност, која треба да ја направи, а тоа е вклучување на делови од други народи кои живеат во нашата држава и тука веќе таква заинтересираност имаат изразено хрватскиот, црногорскиот, бугарскиот народ меѓутоа и други како што е еврејскиот, кој веќе искажа желба да бидат дел од Уставот. Сметам дека ова е добро, бидејќи постојат држави во ЕУ коишто имаат и по 25 делови од народи во својот Устав, а ние веќе имаме други народи во Уставот како што се српскиот народ, влашкиот, албанскиот, ромскиот и така натаму, рече Ковачевски за РТС.

Пречки за уставни измени не гледа ниту првиот вицепремиер. Груби останува оптимист за внесување на Бугарите во Уставот, став кој и натаму тврди дека го темели на разговори со проевопски ориентирани опозициски пратеници.

Сметам дека проевропското крило кое е во подем во опозицијата во Собранието ќе даде поддршка за уставните измени и веќе имаме контакти, комуницираме со пратениците, претседателите на политичките партии за начин на кој и тие ќе ја дадат својата поддршка за европска Македонија, изјави Груби.

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Груби лаже, бидеќи ниту еден опозициски пратеник во овие околности нема да поддржи уставни измени.

ВМРО-ДПМНЕ ја повикува власта ако имаат пратеници за уставни измени, што се докажа дека немаат, еве наредната недела нека ги стават на дневен ред. Во спротивно веднаш да си поднесе оставка Ковачевски. Прашањето за уставни измени не е прашање дали сме за или против Европска Унија, туку дали сме за или против идентитетско обезличување и прифаќање на бугарските ултиматуми, се вели во писменото соопштение на опозицијата.

Во опозициската партија и натаму траат консултациите од кои зависи процедурата преку која ќе се организира референдум во однос на преговарачката рамка и протоколот со Бугарија.

Според власта пак потреба за референдумско изјаснување нема.

Македонија има рок да ги спороведе уставните измени до завршување на процесот на скрининг, кој вообичаено трае нјамалку една година.