Македонија
28. јуни 2022 - 16:35

Ковачевски тврди дека нема ништо ново, опозицијата обвинува за тајни преговори

Нема ништо ново во спорот меѓу Македонија и Бугарија. Премиерот тврди дека во овој момент нема предлог кој што би бил прифатлив за Македонија

Од опозицијата веќе втор ден ја обвинуваат власта за тајни преговори со Бугарија.

“Дали основата е предлогот кој ги уништи Македонските позиции?!

Што бара владиниот тим во Софија и дали Ковачевски повторно ќе кажува дека не го видел предлогот кој го преговараат негови луѓе?

Ковачевски со неговото лажење и манипулирање ја загрози државата. Трајно се нарушени Македонските позиции.“ – прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ

Османи, Маричиќ и Ковачевски да не отстапуваат од македонските црвени линии порача и Социјалистичката партија која го обвини државниот врв за непринципиелна и погрешна политика.

„Господине Ковачевски, Османи и Маричиќ ве потсетуваме дека огромното мнозинство од граѓаните не го прифаќаат негирањето на македонскиот народ, македонскиот јазик и историја и сакаат да си го сочуваат личното и национално достоинство, што вие морате да го почитувате како ваша должност и обврска.

Вие сте должни да постапувате согласно Уставот, законите и Резолуцијата усвоена во Собранието на Република Македонија.“ – велат од СПМ.

Против францускиот предлог се огласи и владејчката НСДП која на првата седница на својот нов извршен одбор констатираше дека внесувањето на историските прашања во преговарачката рамка не е прифатливо.

НСДП ги почитува напорите на француското претседателство за изнаоѓање решение за решавање на спорот, но францускиот предлог за решавање на спорот за НСДП е неприфатлив.

За НСДП единствено е прифатлива преговарачка рамка со јасна и чиста формулација за македонскиот јазик и јасна заштита на македонскиот идентитет, во слгласност со Декларацијата која ја донесе македонското собрание – велат од партијата.