Македонија
30. September 2022 - 16:45

Ковачевски од ЕСМ бара Мицкоски да ги достави понудите до среда, Мицкоски се сомнева во корупција

Најдоцна до среда фирмите кои ги нуди лидерот на ВМРО ДПМНЕ за справување со енергетската криза да ги достават своите понуди до ЕСМ. Првиот човек на Електрани, Васко Ковачевски му постави рок и вели дека секоја понуда во насока на надминување на актуелната криза била добредојдена. Сепак фирмите мора да ги исполнат сите барања како и во редовна постапка на јавните набавки на вакви енергенси.

Опозицискиот лидер пак понуди план за справување со кризата но и контакти од три компании за набавка на мазут и природен гас со кои според нив државата ќе заштедела 300 милиони евра. Мицкоски чекал владата да одговори зошто го одбива понудениот план за справување со енергетската криза и дали можеби во игра се тендери, бизнис зделки или договори во 4 очи.

Од владејачката партија пак велат дека планот на Мицковски бил сублимат од изјавите на премиерот Ковачевски .

Наместо празни зборови, Христијан Мицкоски најавената конструктивност треба да ја покаже внатре во Собранието. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да се откажат од блокадите и деструкциите, да бидат усвоени Законот за енергетика, Законот за нафта и нафтени деривати и уште над 50 други законски решенија. Што се однесува до предлозите на Мицкоски за енергетиката тие досега се само обичен сублимат на изјавите на претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски, велат од СДСМ.

ВМРО ДПМНЕ не отстапува и од барањето за ТВ дуел со Димитар Ковачевски на кој ќе ги судрат ставовите за излез од енергетската криза. Од СДСМ пак ја одбија фрлената ракавица за телевизиско соочување, со образложение дека дуели, дебати и политички препукувања имало време.