Македонија
20. February 2024 - 16:37

Ковачевски ги нападна медиумите, ВМРО-ДПМНЕ го осуди

Ковачевски директно ги обвини медиумите дека се ставиле на страната на опозицијата. Лидерот на СДСМ вели дека медиумите веќе се продале, но по нивната победа на 8 мај, демократијата повторно ќе се вратела. 

- Е тоа ви е кога медиумите ќе се стават во функција на една политичка партија. И после ќе се освестат, и касно е... И кај ќе трчаат? Во СДСМ. Зошто? За да им ја врати демократијата. А тие самите се продале. Тие уште сега се продаваат. Бидејќи, нели - биткоин се купува кога е најевтин. Затоа сега таму се тргнати. И ова морав да го кажам. Па утре нека се лутат. Ќе пушти ЗНМ (реакција - н.з.), ќе му се јават да се извиниме, ќе се извиниме. Ама да ги потсетиме што е 2006 година. Да не биде после - не знaeле“, предупреди Ковачевски.

Ставот на Ковачевски поттикна вонредна прес конференција на ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата изразија најостра осуда и згрозеност и ваков незапаметен напад врз слободата на медиумите.

- Димитар Ковачевски упатува директни закани кон медиумите и новинарите. Неговите закани се со цел да се заплашат новинарите и да влијае на нивното известување. Воедно ја повикуваме и Делегацијата на ЕУ, сите меѓународни организации и претставници на меѓународната заедница да реагираат на ваквиот чин, затоа што ВМРО-ДПМНЕ вистински се грижи  за слободата на изразување, слободата на говор и слободата на медиумите, а ваквите показатели не сакаме да бидат нотирани во идниот Извештај на ЕК само затоа што еден неумесен политичар во заминување решил да го руши реномето на Македонија, вели Миле Лефков од опозицијата.

Пред две недели на сличен ваков удар на Ковачевски се најде и македонската телевизија откако објави анкети за претстојните избори.