Балкан
23. February 2021 - 11:38

Косово: Претепан синот на политичарот Ненад Рашиќ, приведени седум лица

Синот на политичарот од редовите на српската заедница во Косово, Ненад Рашиќ, 18-годишниот Никола, е нападнат и претепан од група од околу 30 лица, на излегување од училиштето во Лапље Село во општина Грачаница, јави дописникот на МИА од Приштина.

Случајот денеска го потврди косовската полиција, наведувајќи дека Никола Рашиќ се здобил со телесни повреди и е пренесен во грачаничката болница.

Полицијата информира дека за случајот се приведени седум лица, на кои надлежен обвинител им одредил 48-часовен притвор.

Ненад Рашиќ е познат како еден од противниците на најголемата партија на косовските Срби, Српската листа (СЛ) и често е критикуван и напаѓан како „предавник на српските интереси“, како од челниците на таа партија, така и од највисоките претставници на официјален Белград, кој отворено и силно ја поддржува СЛ. Рашиќ, кој е лидер на Прогресивната демократска партија, изјави дека нападот врз неговиот син е последица на неговото политичко делување.

Според косовските медиуми на албански и на српски јазик, претепувањето на Никола Рашиќ било од претходно најавено на група на Инстаграм, со порака „Сеча на шиптари, кој преживее ќе раскажува“.

За случајот реагираше игуменот на манстаритот во Дечане, отец Сава Јањич, кој, споделувајќи го видеото од нападот кое се појави во медиумите и јавните мрежи, порача дека напаѓачите „не се Срби, туку нелуѓе“. – Длабоко сум ужаснат од кукавичкиот и јавен линч од околу 30 лица врз синот на Ненад Рашиќ, српскиот политичар во КиМ (Косово и Метохија) денеска во Лапље Село.

Без да навлезам во ставовите на Ненад, детето е претепано со метални шипки, боксери, скршени му се заби, унаказено му е лицето, сето тоа среде бел ден пред маса луѓе од кои никој не му помогна. Бедно и срамно. Овој ужасен злочин мора да биде казнет. Овие луѓе не се Срби, туку нелуѓе, напиша Јањиќ на својот Фејсбук.

Нападот, меѓу другите, го осудија и амбасадорот на Обединетото Кралство во Косово, Николас Абот и лидерот на Движењето Самоопределување, Албин Курти. Абот изјави дека „веста за нападот на синот на Ненад Ракиќ е одвратна, без оглед на мотивите“ и порача дека таквите дела се неприфатливи. Курти, кој се очекува да биде иден премиер на Косово, по убедливата победа на неговата партија на вонредните парламентарни избори на 14 февруари, оцени дека се работи за организиран напад и дека мотивите се поврзани со политичкото делување на таткото на претепаното момче.

– Со големо жалење ја примивме веста дека во Грачница 18-годишното момче Никола Рашиќ е ѕверски претепно со ладно оружје. Никола е син на Ненад Рашиќ, познат српски демократски политичар во Косово. Се чини дека ова разбојничко злосторство е органиирано и има врска со неговиот родител кој не се потчини на притисоците и заканите од Србија. Веројатно затоа што не можеа да го заплашат Ненад Рашиќ, го претепаа неговиот син Никола, напиша Курти на неговиот Фејсбук. Тој ги повика институциите за спроведување на законот итно да го решат случајот и да ги изведат злосторниците пред лицето на правдата.