Македонија
2. December 2022 - 16:33

Контролата на Клинички без резултат, дали Софијанова и Васев ќе останат единствени со одговорност

И после еден месец контроли и анализи, никој не знае колку директори на здравствени установи ја злоупотребувале исплатата на дежурства. Фондот за здравствено осигурување праќа извештаи, министерот за здравство ги добива но се уште нема информација кој и како го практикувал колективниот договор. Проблемите кои почнаа со директорката на детска, засега останаа само на губење на директорските функции на Софијанова и организацискиот директор бидејќи кај нив, како што тврдеа здравствените власти биле откриени пропусти со платите. Но што е со останатите менаџери...?

Ги прашавме во Министерството за здравство - што се случи со извештаите од Фондот, по направените контроли за платите на директорите во клиниките? Освен директорите на Детска, кој друг злоупотребувал дежурства? Кога јавноста ќе дознае што содржат извештаите и што ќе преземе МЗ после нив? Доби ли МЗ извештај од ревизијата на Онкологија што ја побара од новата в.д. директорка?

Одговор не добивме. Се уште чекале комплетна анализа за сите установи.

Покрај Софијанова, истиот ден на 2ри ноември оставка поднесе и Васев од Онкологија каде проблемот не биле дежурствата туку ненавременото снабдување со онколошка терапија и драстичното зголемување на долгот на клиниката.

Освен напуштање на директорските канцеларии, дали и кој ќе одговара никој не знае.