Македонија
30. March 2016 - 19:51

Конкурс за прием на ученици во јавните ученички домови

Министерството за образование и наука информира дека утре ќе биде објавен Конкурс за прием на ученици во јавните ученички домови во Република Македонија за учебната 2016/2017 година. Предвидени се вкупно 2.550 слободни места во сите ученички домови.

Приоритет при прием на ученици во јавните ученички домови ќе имаат ученици запишани во прва, втора, трета или четврта година во државното средно училиште Спортската академија во Скопје и дисперзираните паралелки на ова училиште во другите градови на Република Македонија.

Учениците потребно е да ги исполнуваат следните услови - да се запишани како редовни ученици во средното образование во учебната 2016/2017 година, да се државјани на Република Македонија, да се запишани на наставен план и програми кои не се застапени во општината, односно Град Скопје каде ученикот има постојано место на живеење. Училиштето во кое ученикот е запишан да е оддалечено најмалку 25 километри од постојаното место на живеење и да има организирано јавен превоз, училиштето во кое ученикот е запишан да е оддалечено најмалку 10 километри од постојаното место на живеење и нема организирано јавен превоз.

Учениците кои се запишани во Спортската академија во Скопје, треба да ги исполнуваат следните услови - да се запишани како редовни ученици во Спортската академија во Скопје во учебната 2016/2017 година, да се државјани на Република Македонија, да се со место на живеење различно од местото во кое е Спортската академија и ако во местото во кое ученикот живее не се реализира наставен план за спорт за кои ученикот е запишан.

Комплетната документација, учениците кои конкурираат во првиот уписен рок треба да ја достават од 29 јуни до 8 јули годинава во домот каде бараат сместување. Оние кои конкурираат во вториот уписен рок, документите ги доставуваат од 22 до 30 август во домот каде има слободни места по првиот уписен рок. Учениците кои претходната учебна година престојувале во ученички дом, комплетната документација треба да ја достават најдоцна до 6 јули до соодветниот дом.

Резултатите од Конкурсот за прием на ученици во јавните ученички домови во Република Македонија за учебната 2016/2017 година по првиот уписен рок ќе се објават на огласната табла на домот најдоцна до 22 јули годинава. За вториот уписен рок, резултатите ќе се објават на огласната табла на домот најдоцна до 31 август 2016 година.

Вселувањето на примените ученици почнува од 31 август 2016 година.