Македонија
8. December 2017 - 12:46

Конференција за олеснување на пристапот до право и правда на ЛГБТИ заедницата

Олеснување на пристапот до право и правда со цел подобрување на системот за справување со насилството и делата од омраза по основ на сексуална ориентација, беше тема на меѓународната конференција денеска во Скопје со која беше заокружен двегодишен проект спроведен во земјите од Западен Балкан.

Конференцијата насловена „Пристап до правда за ЛГБТИ заедниците“ е во организација на Стоунвол од Англија, во партнерство со Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ, ЛГБТИ Центарот за поддршка, ЕРА - ЛГБТИ и Субверзивен фронт. 

Биљана Гинова координатор на Центарот за поддршка на ЛГБТИ заедницата во Македонија истакна дека од неговото формирање во 2012 година до денес Центарот  биле шест пати цел на напад, а вкупно 18 дела напади по основ на сексуална ориентација врз нивни членови 

- Ние во изминатиот режим се соочивме со воведување структурна хомофобија. Задоволни сме што на денешната конференција добивме јасна поддршка и заложба од министерот за внатрешни работи за подобрување на системот при справување со насилството и делата од омраза врз основ на сексулана ориентација и родов идентитет, се додека тие процедури не се воведат и спроведат во насилството, рече Гинова.

Според неа, кога станува збор за насилство треба да се зборува со институциите и да се врати добвербата дека институциите навистина ќе се справат со тоа насилство и ќе обезбедат подобар квалитет на живот за сите граѓани.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовки најави дека со право може да се констатира, по однос на одделни криминални случаи како што се нападите на ЛГБТ заедницата, дека одредено влијание имаат се уште постоечките предрасуди кај надлежните државни органи кон посочената заедница.

- Оттука, главната цел на претстојните измени на Кривичниот законик  треба да биде фокусирана во подигањето на видливоста на делото на омраза со пропишување законска дефиниција на тој поим и предвидување посебни облици на дела на омраза во Посебниот дел, што согласно начелото на легалитет ќе ги обврзува органите на гонење да ги откриваат, утврдуваат и процесуираат таквите дела, рече Спасовски.

Во овој контекст нагласи од непроценливо значење за полицијата е да се обезбеди професионален пристап и стандарди кои нема да бидат базирани на стереотипно однесување, стигматизација и дискриминирација.

- За да се избегнат сите можни појави за несоодветен третман од страна на полицијата во делот на примањето на пријавата и ефикасноста во преземањето на дејствијата, отворена е можноста за поднесување на претставка во Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди. А токму во насока да се избегнат односно, доколку е евидентно, и да се санкционираат стереотипите и предрасудите на кои не им е место во нормираните процедури и постапувања, додаде Спасовски.

Според истражување спроведено во Македонија, на примерок од 426 припадници на ЛГБТИ заедницата, покажа дека само девет проценти од луѓето кои преживеале насилство во однос на сексулана ориентација и родов идентитет го пријавиле на институциите. Како причина најголем дел изјавиле дека не веруваат дека тоа ќе биде решено, потоа дека се плашат од откривање на нивниот идентитет, особено кај помалите средини, дел изјавиле дека се плашат од полицијата, а луѓе кои преживеале домашно насилство сметаат дека тоа треба да остане во кругот на семејството. 

Меѓународна конференција „Пристап до правда за ЛГБТИ заедниците“ е во организација на Стоунвол од Англија, во партнерство со Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ, ЛГБТИ Центарот за поддршка, ЕРА - ЛГБТИ и Субверзивен фронт.