Македонија
8. September 2019 - 11:05

Конференција за „Државниот суверенитет, климатските политики и решавање на спорови во правото на животна средина“

Меѓународна конференција на тема „Државниот суверенитет, климатските политики и решавање на спорови во правото на животна средина“ ќе се одржи во вторник во Скопје, во организација на Институтот за Мас Медиуми, Едукација и Комуникации (ИММЕК) и Факултетот за правно-политички науки на Универзитетот ФОН, а во соработка со интересната група за право на животна средина на Американското друштво за меѓународно право (АСИЛ) и Глобалните правни иницијативи за одржлив развој „gLAWca“.

Како што најавуваат организаторите, на конференцијата обраќања и презентации ќе имаат учесници од 12 универзитети и институти од светот, како и претставници од невладиниот сектор.

Конференциската програма е структурирана во три тематски панели. Првиот панел ќе го анализира прашањето на промените на концептите на државниот суверенитет и суверенитетот на природните ресурси во спрегата помеѓу одржливиот развој и економскиот напредок. Вториот дел од програмата е посветен на заштитата на животната средина во акција, а третиот панел ќе ги разгледа новите граници и пристапи во заштита на животната средина преку правото и јавните политики.

Поздравни говори на конференцијата ќе имаат проф. д-р Љубомир Фрчкоски, декан на Факултетот за правно-политички науки при ФОН Универзитет, италијанскиот амбасадор Карло Ромео, Паоло Давиде Фара од Универзитет Западна Вирџинија, САД и претставник на Глобалните правни иницијативи за одржлив развој „gLAWca и Чаму Куппусвами од Правниот факултет Херфордшир, Велика Британија.