Македонија
29. September 2016 - 10:34

Концерт на дуото Лазаревски-Крстев во Софија

Македонските музички уметници дуото Лазаревски-Крстев вечер ќе одржи концерт во Културно-информативниот Центар на Република Македонија во Софија, во 19.30 часот.  Владимир Крстевски на обоа и Владимир Крстев на виолина, пред публиката во Софија ќе се претстават со одбрани музички дела.

Владимир Лазаревски музичкото образование го има стекнато на Музичката академија „Панчо Владигеров“ во Софија, каде има и магистрирано и докторирано. Во моментов е професор на Музичката академија на Универзитетот во Штип. Настапува со Македонската филхармонија, Симфонискиот оркестар на Македонското радио и со други музички формации, на бројни концерти во Македонија но и Австрија, САД, Велика Британија, Полска, Луксембург. Носител е на наградата „Виртуози“ (2012), како член на квартетот „Music progressive“, како и на наградите „Alegro Vivo“ (2002) во Австрија и наградата од натпреварот „Earth and People“ во Бугарија.

Владимир Крстев своето музичко образование го има стекнато на Музичката академија во Скопје, каде дипломира во класата на професорот Зоран Димитровски. Има настапувано со бројни музички формации, „The Bahus Ensemble“, „Central European Initiation Orchestra“, Германскиот симфониски оркестар од Алтенбург, со оркестарот на Македонската филхармонија. Учествувал на бројни значајни концерти и низ Бугарија, Турција, Шведска, Полска, Франција, Австрија, Португалија. Значајни се и неговите учества во „Mitan project“, „Project Zlust“, како и во снимањето на филмска музика за филмовите „Големата вода“ и „Балкан-кан“.

Лазаревски и Крстев пред публиката во Софија ќе ги претстави директорот на македонскиот Центар во Софија Васко Шутаров. Концертот е дел од музичката годишна програма на КИЦ во Софија и финансиски е поддржан од Министерството за култура.