Македонија
24. January 2022 - 16:34

Комората за енергетика ги предаде барањата во Владата

Стопанската комора за енергетика достави писмо до владата со повеќе барања и предлог мерки за излез од енергетската криза. Бараат разрешување на сите лица на раководни функции, кои со нестручност и неодговорно работење ја довеле државата до енергетска, економска и социјална криза, а на нивно место да се постават експерти, кои ќе знаат соодветно да се справат со состојбата.

„Експерти од самата комора се спремни веднаш да реагираат и во најкраток рок да се реши оваа енергетска криза со самото разрешување на одговорните лица од Министерството за економија, Министерството за финансии, заменик претседателот на Владата, претседателот на Регулаторна комисија и директорот на ЕСМ. Ние не сме партиска организација, ние сме Стопанска комора за енергетика на Македонија. Знаеме дека тие функции се партиски но, со цел да се спасат граѓаните и компаниите во оваа држава неопходно е да застанат на тоа место лица стручни од таа област. Значи, не може економист или правник да работи и да ги решава проблемите кои што се направени со енергетската криза“, вели Ѓорѓи Манасков, претседател на Стопанската комора за енергетика на Македонија.

Покрај одговорност за кризата, комората бара за домаќинствата да не се зголемува цената на струјата и да се врати дневната евтина тарифа, а во сметките за првите четири месеци годинава целосно да се укине ДДВ-то за сите потрошувачи и на слободниот и на регулираниот пазар.
Бараат Владата да започне активности за разбивање на монополот на ЕВН, но и да набави самостојна акредитирана мерна лабораторија за испитување на исправноста и квалитетот на броилата за струја.

Во писмото до премиерот Ковачевски дадоа рок до 10 февруари и доколку не се исполнат нивните барања за спас од кризата најавуваат протести.