Македонија
8. November 2018 - 13:05

Комисиска поддршка за продолжување на кризната состојба на јужната граница до јуни 2019

 Собраниската Комисија за одбрана и безбедност ја проследи на натамошна постапка во Собранието Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Македонија.

Сегашната мерка важи до 31 декември оваа година, а со Предлогот нејзиниот рок се продолжува до јуни 2019 година.

Оваа мерка се продолжува на секои шест месеци, а за неа одлука носи Собранието.

Директорот на Центарот за управување со кризи Агрон Буџаку пред членовите на собраниската Комисија истакна дека постои потреба од продолжување на оваа мерка со оглед на тоа што постојат сознанија дека има движење на мигранти кои од Средниот и Блискиот Исток преку Турција влегуваат во Грција со намера да продолжат кон земјите од Европската унија.

-Имаме и други загрижувачки податоци што се поврзани со ширење на лажни вести дека балканската рута, што е затворена, е повторно отворена, рече Буџаку.

Тој појасни дека овие лажни информации ги мобилизираат мигрантите во камповите во Грција кои повторно почнуваат да се придвижуваат со цел да стигнат во земјите во ЕУ.

Тој истакна оти предлага заради можни сценарија за дестабилизација на регионот да се продолжи оваа мерка со цел да се овозможи сите чинители што се вклучени во овој процес да можат навремено да реагираат, вклучувајќи ја тука и ЕУЛЕКС која со свои полициски сили помага на границите.

Во однос на бројката на илегалните мигранти кои влегуваат или излегуваат од земјата, Буџаку рече оти таа бројка е променлива.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Емил Димитриев напомена оти суштината на оваа одлука е да се овозможи правен основ за ангажирање на Армијата на Република Македонија.

Димитриев напомнувајќи оти ќе го поддржи продолжувањето на кризната состојба, истакна дека сепак АРМ има сосема други овластувања и додаде дека со оглед на тоа што оваа ситуација според проценките ќе трае можеби и следните 10 години, потребно е да се разгледаат и други механизми за справување со неа.

– Сметам дека на долг рок државата треба да размислува за јакнење на капацитетите за справување со мигрантската криза во ситуација кога можеби Армијата нема да биде присутна, во толкав дел како што беше присутна. Во екот на бегалската криза присуството на Армијата беше некаде над 80 проценти од севкупниот потенцијал на државата. Тогаш беа изборите, политичката криза, полицијата мораше да биде присутна во градовите, едноставно границата беше оставена на Армијата. Армијата тоа го одработи максимално професионално, рече Димитриев и додаде дека на долг рок треба да се размислува да се „ослободи Армијата“ со цел таа да не се оптоварува и да и се овозможи да ги извршува надлежностите за коишто примарно е создадена.