Македонија
3. March 2021 - 21:19

Колку ќе придонесат зголемените истражни центри во обвинителствата за борба против корупцијата?

Идејата за истражни центри во јавните обвинителства стара 10 години стана еден од приоритетите на Владата во борба со корупцијата. Професорот Гордан Калајџиев објаснува дека концептот е вграден во законот за кривична постапка уште во 2010 но досега немало политичка волја да се реализира. Идејата е јавното обвинителство да добие сопствени капацитети за истраги односно истражители. Засега монополот за истраги е во рацете на полицијата и обвинителството е релативно ограничено.

Една работа е контрола врз истрагите на полицијата и во делот каде што самото функционирање ќе биде поефикасно. Обвинителите кои имаат сопствени истражители покажуваат многу подобри резултати.

Од Владата најавија дека наместо сегашните 4, слабо опремени и екипирани, ќе се формираат 23 истражни центри за јавните обвинителства во борбата против корупцијата. Според Калајџиев постоечките практично не се функционални.

За споредба во Италија обвинителите решаваат 10 пати повеќе предмети затоа што им помагаат истражители. Се скратува времето на решавање на предметите, се добива на ефикасност и се забрзува истрагата.