Македонија
6. January 2018 - 15:30

Коледарчињата од општина Илинден со песна го најавија Христовото раѓање

Со макета на Витлеемската пештера која ја симболизира пештерата во која се родил Исус Христос, ѕвезди што ја симболизираат ѕвездата која ги водела тројцата мудреци до местото каде што бил роден Исус и пеејќи ја христијанската коледарска песна „Вечниот Бог“, стотици деца како дел од Бадникарската поворка од општина Илинден го најавија прославувањето на Бадник и Божик.

Малите коледарчиња кои се симбол на ангелите што ја носат веста за Христовото раѓање во Домот на култура „Илинден“, традиционално беа пречекани од градоначалникот Жика Стојановски.

Посакувајќи им среќни празници, во знак на благодарност за убавата вест и негувањето на традицијата, на првите гласници на празникот, градоначалникот Стојановски им подари јаболчиња, костени, портокали, бонбони...

Бадникарската поворка се одржува шеста година по ред, со што стана составен дел од одбележувањето на Божик во општина Илинден.