Кој се ќе излезе од затвор со новиот Закон за амнестија?
Министерот за правда не демантира дека доколу биде изгласан Законот за амнестија на слобода ќе се најдат осудените за помагање на петкратното убиство кај Смилковци, Хаки и Фејзи Азири. Лога тврди дека листа на осуденци немало, направена била само анализа на делата, а ако ги опфаќа и овие дела, тие ќе бидат слободни граѓани.
Лога не ја исклучува можноста и дел од осудените за „27 април“, да бидат амнестирани, ако делото е опфатено со законот.
Според него, ова е истиот закон од 2018 година за кој согласност дале сите партии, но додадени биле делата кои нема да се амнестираат, а поврзани со коруптивните дела. Лога тврди дека ниту еден избран функционер нема да биде дел од амнестија.
Ако за Законот за амнестија за кој тврди дека не е политички договор застанува во цврста одбрана, од измените на КЗ целосно се дистанцира. Дали неговата заменичка сама одлучувала во пишувањето на измените без тој да биде консултиран, Лога не препрати да ја бараме Викторија Аврамовска Мадиќ. Тврди дека лажни се информациите дека бил на владината седница кога измените поминале, бидејќи бил службено отсутен. За него не бил прекршен Законот за влада што тој не се потпишал како предлагач на измените.
Законот за амнестија во Собрание треба да влезе за околу 10 дена во скратена постапка. Лога очекува поддршка од сите партии иако опозицијата веќе најави дека ќе го блокира законот со бројни амандмани.
Досега вели до Министерството нема пристигнато ниту една забелешка од опозицијата за ова законско решение.
Во моментов во државата има 2114 затвореници. Со новото законско решение 286 ќе бидат целосно ослободени, а за 996 ќе имаат делумно ослободување. Дури 2813 чекаат да влезат, но Министерството засега нема бројка колку од овие кои се уште се на слобода ќе бидат аманестирани доколку законот добие зелено светло од пратениците.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар