Македонија
26. September 2022 - 16:49

Кој го има последниот збор во ДУИ - Османи вели дека нема да биде жртва

Глупости и лажни вести биле информаците дека првиот интегративец Али Ахмети го жртвува Бујар Осамни за да го запре незадоволството во партијата, тврди министерот за надворешни работи. Османи одбива да ги коментира превирањата во Мала Речица и барањата на дваесетина истакнати партиски функционери до Ахмети поради незадоволство да биде разрешен  вицепремиерот Артан Груби. За Османи последниот збор го кажувал Ахмети и по него немало да коментира.

Сепак не гледал причина ниту за нестабилност во владината коалиција, особено што двајца од потписниците на писмото испратено до Ахмети се актуелни пратеници чии гласови може да бидат клучни за да опстане Владата и да влијаат на парламентарното мнозинство. Од пратеничката група на ДУИ во собранието нема коментар. Се што имало да се каже го кажал партискиот лидер.

За албанската опозиција пак превирањата во ДУИ водат кон распад на партијата. Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари вели дека ако добијат понуда ќе ја разгледале опцијата за влегување во влада.

„Не сме разговарале околу тоа, ние сега сме фокусирани во реорганизирањето на партијата. Повеќе сме на терен и водиме разговори, ги слушаме активистите и тие коишто се симпатизери на Алијанса за Албанците. Темата за условување за тоа дали да се влезе или да се излезе не сме ја дискутирале, ние не сме биле дел од владата, ниту пак сме размислувале. Но, ќе размислиме, ќе ја разгледаме опцијата ако постои таков предлог, но, сега за сега нема нешто такво“, изјави вд Претседател Таравари.

Истакнати партиски функционери на ДУИ веќе доставија писмо до Ахмети со кое бараат да запре самоволието на Груби поради чија вина како што велат се случил и изборниот пораз во Тетово. Групата која ја предводат Меџити и градоначалниците на Сарај и Чаир смета дека лошите политики кои тврдат дека ги водел Груби придонеле за револт во партиските структури и пасивизирање на голем дел од членството.