Македонија
21. January 2022 - 21:20

Кои се функционерите кои бараат апанажа?

Расте бројот на екс министри од владата на Зоран Заев кои ќе живеат на државна сметка во следниот период, наместо да се вратат на старото работно место. По Никола Димитров, апанажа побарале и Мила Царовска и Радмила Шекеринска.

Од Собранието информираат дека Комисијата за избори и именувања веќе дала одобрение за екс министерот за земјоделство, Арјанит Хоџа и поранешниот заменик министер за култура, Седат Сулејмани, да продолжат да добиваат плата од државниот буџет уште девет месеци.

Дали и други министри од претходниот владин состав ќе побараат да продолжат да добиваат плата од државата ќе се знае до средината на идниот месец, кога истекува законскиот рок од 30 дена за поднесување барање за апанажа до Собранието.

Екс премиерот Зоран Заев веќе најави дека се враќа на работа во некоја од семејните фирми и нема да го користи правото на апанажа, туку само привилегијата да има обезбедување.

Инаку, согласно Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани функционери, по престанок на мандатот тие имаат право на апанажа, или надомест во висина од платата која ја зимале додека биле на функција. Може да продолжат да добиваат плата уште 3 до најмногу 12 месеци, во зависност од времетраењето на нивниот мандат. Но, законот овозможува функционерот да остварува плата и подолго од една година, а за најмногу уште шест месеци, доколку во тој период стекнува право на старосна пензија.

Додека користи апанажа екс функционерот нема право на други лични примања, а доколку почне да остварува приходи по кој било основ автоматски престанува и правото на надомест од државата.

МАНДАТ ДО 6 МЕСЕЦИ                  = 3 МЕСЕЦИ АПАНАЖА

МАНДАТ ОД 6 ДО 12 МЕСЕЦИ      = 6 МЕСЕЦИ АПАНАЖА

МАНДАТ ОД 12 ДО 24 МЕСЕЦИ    = 9 МЕСЕЦИ АПАНАЖА

МАНДАТ НАД 24 МЕСЕЦИ              = 12 МЕСЕЦИ АПАНАЖА