Македонија
18. July 2024 - 16:38

Коцевски: Претпазливо со предлогот за распуштање на Советот на јавни обвинители

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски повикува на претпазливост при донесување на одлука за распуштање на Советот на јавни обвинители.

Ако имало предлог за донесување на таков закон, очекува и Јавното обвинителство да биде повикано да даде свои предлози и забелешки. Коцевски вели, ние сме правници и дискутираме само ако пред нас има конкретно напишан предлог.

„Ниту премиерот, владата, или евентуално министерот за правда досега не се обратил до јавното обвинителство да даде некој предлог и кои се целите со евентуално новиот закон што би се донел за Советот на јавни обвинители. Не знаеме се уште која е целта, дали се работи за измена во однос на работниот стаж на јавните обвинители, колку ќе трае мандатот или за некои други услови, така да се уште ништо не знаеме. Сметам дека сепак треба во однос на тие закони претпазливо да се внимава и да се анализираат што евентуално би се подобрило со менување на таквите закони“, изјави Љупчо Коцевски, Јавен обвинител. 

Најавата за распуштање на Судски и Советот на Јавни обвинители дојде во исто време кога Врховен судија и член на советот на обвинители беа откриени дека зеле поткуп од 10 илјади евра. За слуачјот, суспендираниот судија Наќе Георгиев е во притвор, а за Иџет Мемети се определени мерки на претпазливост како забрана за напуштање на државата. Тој продолжи да учествува во работата на Советот на обвинители, а денеска на иста маса седеше и наспроти републичкиот јавен обвинител.

Според Коцевски, наскоро се очекувало да биде завршено обвинението за случајот против двајцата осомничени, ама не прецизира за кои кривични дела ќе одговараат.

„Во најкус можен рок ќе се донесе јавнообвинителска одлука така што не можам да прејудицирам каква ќе биде. Тоа е право на јавниот обвинител врз основа на доказите што ги има собрано и ќе донесе одлука. Дали ќе има против едниот, против двајцата и за кои кривични дела, тоа ќе одлучи јавниот обвинител кој ги работи предметите“, вели Коцевски, државен јавен обвинител.        

Инаку, на планот за распуштање се спротиставија Судски и Советот на обвинители. Сметаат дека таквиот потег е директно мешање на извршната во судската власт.