Македонија
24. November 2017 - 17:13

Коалицијата „Сите за правично судење“ констатира неправилности во водењето на постапката за „Труст“

Интегрален текст од соопштението на Коалицијата „Сите за правично судење“ за судењето по предметот „Труст“:

(НЕ)ЕДНАКВОСТ НА ОРУЖЈАТА

Во предметот „Труст“, заведен под број К.бр.1459/17, започнат од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО), по поднесен обвинителен акт против 3 лица за кривично дело „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“ од член 275-в став 3 в.в став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија, и обвинителен предлог против 3 правни лица за кривичното дело „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“ од член 275- в ст.4 в.в ст.3 вв ст.1 од Кривичниотзаконик на Република Македонија, досега имаше 4 рочишта за главна расправа на кои присуствуваа набљудувачи на Коалицијата Сите за правично судење.

Хронологија на расправата:

Првото рочиште кое беше одржано по овој предмет, беше одложено на барање на одбраната поради недоставена листа на докази кои СЈО ги предлага до одбраната. Откако беше извршен увид во списите на предметот, се утврди дека СЈО впрочем уште со поднесување на обвинителниот акт, ја доставил предложената листа на докази и тоа за сите странки во постапката, но судот бил тој кој не ја доставил до одбраната. Како не би се губело време и непотребно одлагала постапката, на ова рочиште листата на докази и доказите им беа лично дадени на бранителите на УСБ од страна на СЈО.

Пред отпочнување на второто рочиште закажано по овој предмет, одбраната повторно побара истото да се одложи, а овој пат поради тоа што не им бил даден пристап до сите докази прибрани од СЈО. Одбраната се пожали на фактот дека листата на докази не кореспондира со доказите кои им биле доставени на УСБ, односно дека секој од обвинетите ги нема сите докази кои се предложени во конкретниот обвинителн акт. По ова, на одбраната повторно и беше доставен доказниот материјал, овој пат во форма на ЦД, меѓутоа, бранителите побараа од судот да закаже рочиште на кое одбраната би ги изнела своите приговори во однос на доказите предложени од СЈО. На ова барање, судот се произнесе негативно и донесе решение со кое овој предлог на одбраната го одби, а изведувањето на докази определи дека ќе следи после воведните говори и по произнесувањето за вина на обвинетите, при тоа не давајќи и можност на одбраната воопшто да се запознае со содржината на ЦД-то и дали претходно посочената грешка-на недоставување на целокупните докази, овој пат е исправена.

Откако и одбраната ја достави својата листата на докази, при тоа не знаејќи за содржината на целокупниот обем на докази, се пристапи кон давање на воведни говори, поуки за правата и произнесување за вина.

Меѓутоа, овие пропусти досега и не се најспорните кои се случија досега во оваа постапка иако директно задираат во можноста на давање на квалитетна одбрана од страна на бранителите. Најспорните моменти во оваа постапка се случуваат всушност на третото и четвртото рочиште од каде што започнува доказната постапка.

Имено, на третото рочиште одржано на 21.11.17 пред отпочнување на расправата одбраната повторно приговараше пред судот во врска со доставените докази на СЈО. Нивните приговори беа во насока дека доказите не биле читливи, ниту пак јасни за што истите се однесуваат, дел од нив недостасувале, а дел пак биле дадени на јазик кој не е официјален јазик на кој се води постапката(странски јазик). Приговор од страна на одбраната имаше и по однос на сведоците кои беа повикани на денешната расправа, а беа исклучиво третирани како сведоци на обвинителството, од причина што истите се предложени и од страна на одбраната. На ова СЈО предложи доказите кои се предложени од страна на одбраната, а се поклопуваат со оние на СЈО да се изведат како докази на СЈО.

Одбраната повторно уште еднаш реагираше по однос на предложените докази, поточно дека истите не се предложени правилно и законски бидејќи, во листата на докази се наведени записници на кои овие лица се сослушувани во истрага, а не се и лицата сами по себе како сведоци, предложени за сослушување. По оваа реакција, судот истакна дека од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, истиот е прифатен, па следствено на ова и судечкиот совет сега не нашол пречка за водење на постапката со вака предложените докази.

По овие дискусии и дебати, судот донесе решение со кое одлучи дека оние докази и сведоци кои се предложени и од двете страни, ќе бидат изведени исклучиво како докази на СЈО, при што отпочна доказната постапка.

На првиот сведок, сведок на обвинителството, при неговото сослушување му беа предочени договори и ф-ри, докази кои се уште не се изведени во постапката. На ова, бранителите приговараа, по што судот предложи СЈО прво да ги изведе материјалните докази кои се однесуваат и се поврзани со исказот на сведокот, а потоа истиот да се сослушува. Врз основа на ова, СЈО пристапи кон изведување на материјалните докази, а потоа и испитување на сведокот.

Пред почетокот на четвртото рочиште, одбраната повторно реагираше и апелираше судот да дозволи сведоците предложени од СЈО да бидат директно испитани и од одбраната, бидејќи во вкрстеното испитување, одбраната би можела да поставуваат прашања само за факти и околности кои се изнеле во директното испитување(од страна на СЈО). Овој предлог наиде на противење од СЈО кое истакна дека- сведоците ќе бидат директно испитани од нивна страна во врска со околности кои ја поткрепуваат нивната теорија на случај, а одбраната ќе ја има можноста да ги испита вкрстено и со тоа евентуално да го наруши кредибилитетот на нивните искази. Ова воедно ќе придонесе за рушење на теоријата на случај на СЈО, со тоа што ќе предизвика разумно сомневање, па оттаму, вкрстеното испитување би било доволно. Еднаквоста на оружјата ова обвинителство ја гледа низ призмата на тоа дека одбраната ги има добиено записниците од исказите земени од сведоците во претходна постапка, па истата има време и можност соодветно да го подготви своето вкрстеното испитување. По ова судот донесе решение со кое одлучи да ѝ дозволи на одбраната во вкрстеното испитување да поставува прашања надвор од директното. Со ваквото постапување судот направи низа процедурални грешки, што воедно претставуваат и нарушување на процесните гаранции за правата на обвинетиот.

Правно мислење:

Најнапред, решението на судот со кое одлучува доказите предложени и од двете страни да бидат изведени само еднаш, како докази на СЈО е во целосна спротивност на принципот на акузаторност на постапката и принципот на утврдување на вистината на „теоријата на случај“ кој беше воведен со промената на ЗКП, за разлика од принципот на утврдување на „материјалната вистина“ предвиден во стариот ЗКП. Па така, според важечките прописи:

„секоја од странките во постапката сама го планира и определува редоследот на изведување на сите овие докази кои таа ги предложила. Во овој контекст, треба да се напомене и тоа дека, по кој редослед ќе се изведуваат доказите е од значење за секоја од странките за докажување на нејзината „теорија на случајот“.“1

Не дозволувајќи ѝ на одбраната да ги презентира истите докази како и обвинителството, единствено под закрила на брзината односно економичност на постапката, судот во голема мера може да влијае на успешноста на докажувањето на „теоријата на случај“ на одбраната. Доколку се земе предвид идејата зад моделот на кривичната постапка, кој предвидува набљудувачка улога на судот и според која судот со доказите се запознава преку нивното презентирање од страна на странките кои сами ги предлагаат, ваквото постапување на судот предизвикува евентуален сомнеж и за објективноста на истиот. Фактот што судот одлучи дека доказите предложени од двете страни, ќе бидат изведени како докази на СЈО без притоа да постои законски основ за ваквата одлука, ниту пак објективно образложение зошто доказите да бидат презентирани како докази на СЈО, а не на одбраната, само го надополнува претходно истакнатиот сомнеж.

Понатаму, ваквото решение е спорно, бидејќи одбивањето на предложените докази е предвидено во членот 347 став 1 од ЗКП, според кој:

„Претседателот на советот може да ги одбие предложените докази, ако:

1) предлогот се однесува на со закон забранет начин на прибирање на докази, на доказ чијашто употреба со закон не е дозволена или на факт којшто според закон не може да се докаже (незаконит предлог);

2) се нејасни, нецелосни или очигледно се насочени кон значително одолжување на постапката или

3) фактите што според предлогот би требало да се утврдат не се релевантни за одлучување, односно не постои поврзаност меѓу фактите што треба да се утврдат и решавачките факти, или таа поврзаност поради правни причини не може да се установи (неважен предлог). “

Видно од овој член, решението на судот не се однесува на ниту еден од законски предвидените случаи кога истиот може да одбие изведување на предложените докази. Ставот 3 од истиот член предвидува можност по предлог на странките, советот да го измени или отповика ваквото решение во подоцнежниот тек од постапката. Решението со кое судот одлучи да ѝ дозволи на одбраната во вкрстеното испитување да поставува прашања надвор од директното испитување, на некој начин е компромис за погоре опишаната ситуација. Ваквото решение на судечкиот совет е во целосна спротивност на членот 384 ст. 1 од ЗКП според кој:

„Сведокот го испитува странката која го предложила согласно со членот 383 став (2) од овој закон. Прашањата за сведокот на спротивната странка се ограничени и се однесуваат на прашањата кои претходно биле поставени во текот на испитувањето на сведокот од странката која го предложила. Прашањата на повторното испитување на сведокот од странката која го предложила се ограничени и се однесуваат на прашањата поставени во текот на испитувањето на сведокот од спротивната странка.“

Во конкретниов случај, спорна е и законската основа врз која е донесено ова решение со оглед на фактот што членот 385 од ЗКП кој ги утврдува правилата на судот во процесот на изведување докази, никаде не ја предвидува можноста судот да дозволи на странка во вкрстено испитување да поставува директни прашања. Дотолку повеќе што законот единствено ја предвидува обратната можност, односно членот 385, ст. 5:

„Претседателот на советот на предлог на странката што го предложила сведокот ќе одобри вкрстено испитување, ако поради исказот што го дава сведокот на главната расправа не може повеќе да се смета како сведок на странката што го предложила.“

Понатамошниот тек на постапката ни укажува на значењето на почитувањето на формалноста на кривичната постапка, најмногу преку гаранцијата за правата на обвинетиот која истата ја овозможува. Имено, на третото и четвртото рочиште за главната расправа беа изведувани материјални докази на СЈО пред испитувањето на сведоците предложени од нив, а со цел, при испитувањето да може да им бидат презентирани овие докази на сведоците, како истите би биле испитувани по однос на околности врзани со материјалните докази. Одлуките на судот, одбраната да не може да ги повика сведоците на СЈО како свои докази, но да ѝ дозволи на одбраната во вкрстеното испитување да поставува директни прашања надвор од прашањата кои биле претходно поставени, ја ускратува можноста одбраната да предочува свои докази на сведоците и да поставува прашања во врска со доказите, бидејќи истите уште не се изведени. Со тоа, во постапката се дава предност на „докажувањето на теоријата“ на случајот на СЈО.

Спорен е и начинот на кој се изведуваат материјалните докази, поради тоа што СЈО во своето презентирање не ја изнесуваше во целост содржината на истите, ниту пак потенцираше кој факт доказотго утврдува и во кој контекст истиот се однесува на „теоријата на случајот“. На ова реагираше одбраната која истакна дека на овој начин не можат да се запознаат во целост со доказите и да дадат ефикасна одбрана, но судот одлучи дека овој начин на изведување е во согласност со законот, а правото на ефективна одбрана е запазено со тоа што одбраната има добиено копии од доказите (за чиј обем веќе зборувавме погоре) и анализата на истите можат да ја направат во „завршните зборови“.

Ова ни посочува на недоречености во ЗКП во врска со начинот на изведување на доказите, бидејќи не постојат одредби кои конкретно го уредуваат начинот на изведување и презентирање на материјалните докази на главната расправа. Но сепак, доколку ги анализираме членовите кои се однесуваат на изведување и предлагање на доказите, како и одредбите за испитување на сведоците, а согласно начелата на докажување на „теорија на случајот“ и принципот на акузаторна постапка, сметаме дека материјалните докази треба да бидат презентирани во целост, на начин на кој ќе биде изнесена нивната содржина и ќе биде даден контекстот во кој тие се однесуваат на докажувањето на „теоријата на случај“. Во спротивно, се поставува прашањето зошто воопшто е предвидено изведување на материјалните докази на главната расправа, ако нивното доставување до судот и спротивната страна е доволно? Доколку се земе предвид тајноста на претходната постапка и начелото на јавност на главната расправа, очекувано е, од причини на јавност и транспарентност на судските процеси, доказите да бидат соодветно презентирани, со цел да и се овозможи и на јавноста да се запознае со материјалните докази, исто како што ѝ е овозможено да се запознае со исказите на сведоците. Оттаму, сметаме дека е неопходно да се направат соодветни измени и дополнувања на ЗКП во овој поглед, со цел прецизно регулирање на начинот на изведување на материјалните докази.

Иако Коалицијата Сите за правично судење го поздравува напредокот во соработката (која досега недостасуваше) помеѓу Основниот суд Скопје 1 и СЈО, истата повикува и на внимание оваа соработката да не прерасне во процес кој би можел да ги загрози правата кои обвинетото лице ги ужива согласно домашните и меѓународните прописи. Сепак, фер е кога е фер за сите.

Интегрално соопштение пренесено во целост Коалицијата „Сите за правично судење“