Македонија
7. јуни 2023 - 12:20

Клуб за помош и поддршка на лицата со Даунов синдром од Струмица

Лицата со даунов синдром од Струмица добиваат клуб за помош и поддршка за нив но и за нивните семејства. Целта на клубот е децата со даунов синдром да добијат интерактивно, инклузивно и едукативно место каде со помош на стручни лица ќе имаат можност и да учат, но во исто време и да се дружат. Проектот го реализира здружението на граѓани „Вера“ како дел од програмата за социјална заштита на општина Струмица. Од здружението велат дека ставањето во функција на еден ваков простор е многу значаен за овие деца бидејќи преку него добиваат можност и за вон наставни активности.

Во работењето на клубот ќе биде вклучен и психолог. Освен децата, поддршка ќе добиваат и родителите, посебно оние кои допрва се соочуваат со дијагнозата даунов синдром.

Активностите на клубот се бесплатни, а за почеток со нив  ќе бидат опфатени околу 15 деца и младинци со даунов синдром од општина Струмица. Тенденцијата на носителот на проектот, здружението „Вера“ е во блиска иднина дел од клубот да бидат и останатите деца и родители од целиот микро регион во кој влегуваат и општините Босилово, Василево и Ново Село.