Македонија
11. November 2022 - 16:36

Ќе седне ли Абази и во Управниот одбор на Академијата за судии и обвинители?

Само што беше избран за шеф на организиран криминал, Ислам Абази инстантно доби и нова функција. Советот на јавни обвинители го предложи да биде член на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители од каде доаѓа новиот кадар во судството. Меѓу кандидатите за нови судии и обвинители е и сопругата на обвинителот Абази, што практично значи дека тој ќе биде во Управниот одбор на телото кое ќе одлучува дали неговата сопруга може да стане судијка или обвинителка.

Тоа нема да го дозволиме, вели за Сител првиот човек на Советот на јавни обвинители Антонио Јолевски чија институција практично и го даде предлогот Абази да влезе во сусдската академија. Тој додава дека воопшто не знаел дека сопругата на Абази се готви да стане нова судијка или обвинителка и дека за тоа дознал од медиумите. Рече дека ќе ја провери оваа информација и доколку е точно тогаш ќе го повлече предлогот. Според него, новиот јавен обвинител е во судир на интереси и не може да ја извршува оваа функција поради што од Советот ќе побара да предложи нов кадар.

Ислам Абази во понеделникот беше избран за наследник на Русковска на директни избори откако за него гласаа најголемиот дел од обвинителите со право на глас. Абази е тотален анонимус во македонскиот правен систем без речи си никаква биографија зад себе. Доаѓа од Зајас, селото во кое живее лидерот на ДУИ, а медиумите веќе ги објавија фотографиите на кои новиот обвинител може да се види во друштво на кадри од Мала Речица.