Македонија
13. January 2021 - 17:14

Ќе се воведе ли зелен пасош? Дел од ЕУ членките тврдат дека тоа е дискриминација

Веќе наидува на отпор официјалното барање на грчкиот премиер од Европската комисија за воведување на задолжителен ковид пасош. Неколку европски земји веќе реагираат на ваквата идеја  а романскиот претседател сертификатот за примена вакцина кој би значел слободно минување на границите го оцени како дискриминација и кршење на човековите права. Лидерите на ЕУ на 21 овој месец ќе разговараат за вакцините а на дневен ред ќе биде и предлогот на Мицотакис. Од друга страна, Данска и Естонија веќе го изготвуваат дигиталниот ковид пасош.

И додека Грција инсистира на заострување на мерките за прекугранично поврзување, регионот ги отвора границите.  Од утре македонските државјани во Србија ќе влегуваат без ПЦР тест а од вчера тоа го дозволија и црногорските власти. Засега ваков медицински документ се уште е потребен за Бугарија а грчката грнаица ни е затворена од почетокот на пандемијата.

Освен на границите олеснување на рестрикциите во државата најверојатно ќе има по 20 јануари кога завршуваат мерките кои властите ги донесоа за празниците и верските слави. Иако времето тече, во новата година се уште не е одржан ниту еден состанок на Комисијата за заразни болести на кој треба да биде разгледано и барањето на сите угостители да нема никакво ограничување на работното време но со соодветни протоколи.

-Логично е барањето на угостителите. Ова скратување на времето дополнително, иницијално кога беше донесено минатиот месец, рековме дека ќе биде до 21 јануари, кога практично и завршуваат прославите, верските празници, и тогаш веќе по автоматизам се враќаат на работното време до 21 часот. Ние, ќе го разгледаме барањето дали би можело да се продолжи за уште два часа, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Според информации на Сител, најверојатно на во понеделник на Комисија ќе расправаат за олабавување на мерките.