Македонија
11. January 2024 - 16:34

Ќе се проверуваат вакциналните картони и ќе се повикуваат невакцинираните деца

Здравствените власти ќе ги бараат невакцинираните деца со Ди-те-пер за да ги заштитат од голема кашлица. По двата неповрзани случаи со пертусис за неколку дена министерот за здравство изјави дека иницирал да се проверат вакциналните картони на сите бебиња во Центрите за имунизација. Меџити уште еднаш апелираше родителите да ги вакцинираат децата по последните податоци од ИЈЗ дека опфатот токму со вакцината која штити и од пертусис е околу 84 отсто.

-Секое вакцинирање, значи спас на живот. Затоа ги повикувам родителите за доброто на нивните деца да ги вакцинираат и да ги превенираме ваквите појави, изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.

Освен двата случаи со голема кашлица годинава детето од Кичево и шестмесечното бебе од Скопје кое е хоспитализирано во Клиниката “Козле”, пред Нова година во оваа здравствена установа од пертусис било лекувано и дете од Струмица. По зголемениот број случаи во соседна Србија прогласена е епидемија во Белград.

Инаку големата кашлица е едно од најзаразните заболувања. Кашлањето е често, силно, а трае и до 100 дена. Според лекарите силната бактериска инфеција може да предизвика голем број компликации.