Македонија
3. November 2016 - 10:23

Кирби одбегна директен одговор за пораката во која советник на Клинтон Македонија ја нарекува ПЈРМ

Портпаролот на американскиот Стејт Департмент Џон Кирби изјави дека САД ги поддржуваат Македонија и Грција во напорите да го решат спорот за името во рамките на Обединетите Нации, и одбегна директно да одговори на можното влијание на интернет пораката во која висок советник на Хилари Клинтон го употреби изразот ПЈРМ.

Џон Подеста, кој ги советуваше претседателите Бил Клинтон и Барак Обама, а кој сега е шеф на изборната кампања на Хилари Клинтон, во порака објавена од страна на организацијата Викиликс вели дека тој лично се уште го користи изразот ПЈРМ за нашата земја. Изминативе недели Викиликс објави илјадници пораки на Подеста, кој инаку по неговата мајка има грчко потекло. Постоењето и содржината на овие пораки го поттикна ФБИ да ја поведе кривичната истрага која се води против Хилари Клинтон.

"Соединетите Американски Држави продолжувааат да ги поддржуваат разговорите кои се водат во Обединетите Нации за прашањето со името на Македонија и поддржуваме разрешување на ова долгорочно несогласување што е можно поскоро. Се надеваме дека лидерите на Македонија и Грција ќе најдат заемно прифатливо решение на спорот што е можно поскоро, во интерес на евро-атланската интеграција, економскиот просперитет, мирот и безбедноста. Ова е нашиот став сега и сакаме лидерите на двете земји да го разрешат ова прашање. А што се однесува на тоа што идниот претседател, независно кој е, ќе реши во врска со ова прашање, тоа зависи од него или неа. Јас можам да ви одговорам која е нашата политика, и како оваа администрација гледа на прашањето", изјави портпаролот Кирби, прашан од Македонската Телевизија за тоа дали ставот на САД кон македонското име може да се смени со евентуалниот избор на Хилари Клинтон за претседател и нејзиниот ангажман на Џон Подеста.

Во конкретната порака на Подеста, тој е запрашан од претставници на тимот на Хилари Клинтон за неговото мислење дали македонски претставници да бидат поканети на Клинтоновата Глобална Иницијатива, голем собир на актуелни и поранешни политичари кој се одржува во Њујорк секој септември, и кој е делумно финансиран од грчки донатори. Во кусиот одговор, Подеста за Македонија вели "јас се уште ја викам ПЈРМ".