Македонија
23. February 2021 - 17:50

Кинеските вакцини пристигнуваат во Македонија, заменикот министер за здравство прв јавно се вакцинираше

Заменик-министерот за здравство, д-р Илир Хасани е првиот функционер кој ја прими првата доза од фајзеровата вакцина против вирусот Ковид-19. Доби и термин за ревакцинација, 21 ден отсега. По вакцинацијата рече дека се чувствува добро и апелираше граѓаните да се пријават за имунизација за побрзо завршување на епимидемијата од коронавирусот. 

-Текот на вакцинацијата се одвива без ниту една пречка и со планиран ритам. Приближно 1.300 луѓе досега се вакцинирани и сакам да ги охрабрам сите граѓани да го следат мојот пример, а и нашиот пример, на сите здравствени работници и да се вакцинираат. Се надевам дека останатите вакцини ќе стигнат скоро и процесот на имунизација на нашето население ќе се заврши што побрзо и да се вратиме сите во нормала, и нормален живот, рече Хасани. 

Медицинските лица кои работат на вакцинацијата уверуваат дека засега се оди според планот за имунизација.

-Темпото ни го диктираат здравствените работници кои доаѓаат во пунктовите. Денеска според списокот за вакцинација дојдоа од другите градови. Односно, имавме посета од Тетово, Гостивар, Велес и Прилеп. Можам да кажам дека според динамиката и според бројот на вакцинирани работници рушиме рекорди, вели Даниела Марковска од Здравствен дом Скопје.

За кинеските вакцини кои треба да пристигнат во следните денови, според Марковска важно е да се запази ладниот ланец за транспорт, а медицинските работници не треба да поминуваат дополнителни обуки за аплицирање на самата вакцина.

Хасани не даде повеќе информации за набавката на Спутник бидејќи процесот за склучување договор е во тек. Во март преку КОВАКС системот очекува да пристигнат помеѓу 20 и 40 илјади дози од АстраЗенека, односно околу 20 отсто од вкупно договорената количина.