Македонија
15. April 2021 - 16:54

Кинеските вакцини ќе стигнат на 28 април, Филипче тврди дека немаме потреба од српски вакцини

Конечно има датум за пристигнување на 200.000 кинески вакцини. Министерот за здравство денеска бил информиран од амбасадата на Кина дека на 28 април во земјава ќе стигне целата нарачана количина од Синофарм. 

-Оставаме простор од неколку дена во случај да има некакви поместувања, со оглед на тоа што се случуваше досега, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Македонија засега не планира да нарачува вакцини од српскиот институт Торлак каде вчера почна да се произведува руската вакцина Спутник В, а првите количини за испорака се најавени за првата половина на јуни. Филипче рече дека засега не ни треба нарачка, бидејќи според планот веќе на хартија имаме обезбедено 2 милиони и 600 илјади вакцини, од Фајзер, преку Ковакс, руски Спутник, кинески Синофарм и Синовак и од ЕУ.

-Тука процесот е заокружен. На состанокот со директорката на „Торлак“, таа укажа на нивните можности и планови. Ни кажаа дека покрај тоа што приоритет ќе им биде нивната земја и граѓани, приоритет ќе бидат и соседните земји на Србија што сметам дека е добра политика. „Торлак“ е единствената фабрика во светот на фармацијата во регионот која има можност за стерилно производство на тие ампули во пакување како вакцините. Нема ниту една друга компанија која тоа може да го направи. Заега нема да нарачуваме, рече Филипче.

По здравствените работници и вработените во стратешките институции денеска во најголемиот пункт во салата Борис Трајковски продолжи вакцинацијата според возраста. Со Спутник во Арената се вакцинираа граѓани на 73 и 74 години. 

На терен во спортската арена може да се забележи дека интензитетот на имунизација е намален, но здравствените власти уверуваат штом стигне поголема количина вакцини ќе се зголеми и бројот на граѓани кои ќе се вакцинираат. 

Вакви пунктови во спортски сали планирани се и во Куманово, Штип, Квадарци, Битола, Охрид и Тетово.