Свет
25. January 2021 - 11:52

Кина гради голем центар за карантин поради коронавирусот

Голем центар за карантин со повеќе од 4.000 соби се гради во северна Кина поради избувнувањето на Ковид-19 во Шинџијанџуанг, град со повеќе од 10 милиони жители во провинцијата Хебеј.
 
Сателитски снимки од Европската вселенска агенција покажуваат огромни промени во последните десет дена во област каде што имало само рамна површина пред да започне изградбата на 13 јануари.
 
Весникот „Пипл дејли“ објави дека 600 соби биле подготвени до 19 јануари, а до крајот на изградбата ќе бидат додадени уште 3.600.
 
Градежни работници и материјали беа испратени од целата земја за да помогнат во изградбата на центарот, објавија државните медиуми.
 
Вообичаена практика е во Кина да се мобилизираат ресурси од целата земја за борба против катастрофи и други кризи.
 
Центарот за карантин треба да прима луѓе кои биле во контакт со лице заразено со коронавирус. Секоја соба, наменета за едно лице, е со големина од 18 метри квадратни и е опремена со постелнина, маса, клима уред, телевизија и интернет, пренесува Чајна њуз сервис.