Свет
28. January 2021 - 14:10

Кина бара да не се политизира потеклото на коронавирусот

Кинеските власти побараа истрагата на Светската здравствена организација за потеклото на пандемијата на Ковид-19 да не се политизира, откако денеска тим од експерти на СЗО излезе од карантин во Вухан и почна со оперативна работа.

– Секоја акција заснована врз предрасуди, претпоставки, негативни шпекулации или дури и обиди за политизирање на ова прашање е несоодветна и претставува мешање во научната соработка меѓу СЗО и Кина, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Зао Личијан на прес-конференција, пренесува Си-Ен-Ен

Кинескиот функционер истакна дека целта на истрагата е да помогне во разбирањето на вирусот, неговите животни – домаќини и начините на пренесување, за да може поефикасно да се спречат можните ризици и да се најде одговор на слични глобални здравствени кризи во иднина.

Зао ги повика САД да работат заедно и одговорно со Кина, така што тимот на СЗО ќе може да спроведува истражувања и научни испитувања без мешање на политички фактори.

Си-Ен-Ен наведува дека кинескиот портпарол не ги опишал јасно следните конкретни чекори на тимот на СЗО по нивното излегување од карантин, но рече дека тие ќе продолжат да соработуваат со експерти во Кина во потрагата по потеклото на вирусот.

– Нивните активности вклучуваат дискусии, посети, инспекции. Сето ова мора да биде во согласност со принципот на научно следење на потеклото на вирусот, а во нивната работа тие мора да се придржуваат до сите релевантни регулативи за спречување на епидемијата во Кина, рече Зао.