Македонија
18. July 2024 - 16:38

Километарски колони на Табановце: Камионџиите чекаат и повеќе од пет часа на пеколни плус 40

На пеколни температури над 40 степени транспортерите со часови стојат заглавени во колони на Табановце. Забрзаниот проток на стоки како еден од главните столбови на иницијативата Отворен Балкан се чини дека оди бавно. Камионџиите незадоволни, но сепак трпеливи.

„Секаде каде што сум бил по западните земји... ова е жалосно. Толку една мала убава држава, а ваков терор да се врши врз народот тоа е катастрофално нешто. Еве снимајте ја таблата пишува Отворен Балкан. Тоа треба да пишува Затворен, не Отворен“

„Долга е колоната. До бензинската пумпа таму во Србија“

На километарските редици од камиони се чудат и Србите. Велат решенија има, ама желба за спроведување нема.

„Доаѓам од Германија, ама само овде на граница пет часа, јас не знам што е ова. Решенија има, само што не сакаат да ги реализираат. На пример, да нема големи задржување, само да проверат пасош и одиме понатаму. Отворен Балкан не функционира. Секаде оди, ама кај нас не оди. И во Србија е исто“

„Колона има речиси до Прешево. Ништо, кое решение“

Од Асоцијацијата Макам-транс каде членуваат 1.500 превозни компании предлагаат кога влегуваат возила кај нас, да ги проверува македонската полиција, а кога излегуваат само српската. На тој начин чекањето ќе се намали за 10-ина минути.

„Пет часа во споредба со тоа ние што чекаме за влез во Хрватска, Унгарија, тоа се како награда, бидејќи по 30 часа, по 48 часа, по два дена, по три дена се чека што е страшно и тоа се нестандардни мерки кои ни ги спроведуваат“ – Билјана Муратовска, Макам-тран

За да се скрати застојот, во јануари годинава беше потпишан и Меморандум за признавање на кантарските белешки помеѓу Македонија и Србија, па камионите со стока може да се мерат само еднаш. Но и покрај тоа, мал е бројот на компании кои ја искористиле ваквата бенефиција.

„Од февруари до вчера околу 550 камиони само еднаш ја искористиле таа можност. Меѓутоа, тука треба да се апелира и до самите транспортери да се повикаат на тој договор“ – Бобан Николовски, директор на Царинска Управа

Николовски кажа дека ќе се преземе се што е можно, а една од мерките е новиот систем кој автоматски ќе ги препознава регистарските таблички.

„Граничниот премин Табановце важи за еден од најфреквентините во државата. Минатата година за влез регистрирани се над 140 илјади моторни товарни возила, а на излез над 170 илјади камиони“

Според извештајот на Светска банка, камионџиите непотребно губат 26 милиони часа чекајќи на граничните премини на земјите од Западен Балкан.