Македонија
14. May 2017 - 9:26

КИЦ на РМ во Софија организатор на книжевни настани и изложби во претстојниот период

Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија неделава што измина беше вклучен во организација на меѓународната „Европска ноќ на литературата“, која годинава се одржа шести пат. КИЦ беше домаќин и на 10-тата книжевна визита со 12 писатели од Македонија, на која беше одбележана 25-годишнината од потпишувањето на првиот договор за соработка помеѓу Друштвото на писателите на Македонија и Сојузот на писателите на Бугарија.

КИЦ оваа година, меѓу другите настани, ќе ги промовира книгите од македонски автори кои се преведени на бугарски јазик преку Конкурсот на Министерството за култура за субвенционирање странски изавачи кои објавуваат преводи на македонски дела.

- Во последните две години се издадени преку 25 нови наслови. Годинава почнавме проект за промоција на сите тие книги. Во април промовиравме романи на шест македонски писатели од помладата генерација, млади но веќе наградувани во нашата земја со „Роман на годината“ и со други престижни награди. До крајот на годината ќе промовираме дела преведени на бугарски од академиците Влада Урошевиќ и Луан Старова, како и роман на Јулијана Величковска и на уште неколку други автори, изјави Васко Шутаров, директор на КИЦ на РМ во Софија.

Во четврток, 18 мај, КИЦ втора година по ред ќе гостува на Ноќта на музеите во Пловдив, каде ќе се претстави со изложбата „Поврзување“ на македонски ликовни уметници кои живеат и работат во Бугарија. За учеството на нашиот Центар на оваа манифестација е обезбеден репрезентативен протсор во галеријата на Балабановата куќа.

балабанови Пловдив

По неодамнешното поставување на изложбата на охридски филиграни од Мирјана Николовска во просторот на КИЦ-от, која имаше голем одѕив кај бугарски посетители заинтересирани за старите занаети и ракотоворби, за оваа изложба се заинтересирале организаторите на Франкофонскиот фестивал „Солеј“ во Созопол. Така што, оваа изложба на 3 јуни ќе биде презентирана во рамки на фестивалот, во градската галерија на ова туристичко место.

Покрај филиграните, на фестивалот ќе биде претставена и изложбата „Поврзување“, пијанистката Мимоза Ќека ќе има концерт со дела на француски композитори, а македонски уметници ќе творат на ликовната колонија во рамки на Франкофонскиот фестивал, каде со своја програма учествуваат 15 држави.

- На 12 јуни продолжуваме со добрата соработка со музичкиот центар „Борис Христов“ и веќе имаме закажано концерт на Ристе Велков, а на 15 јуни концерт на Кристијан Антовски. На 18 јули ќе имаме интересно претставување во Градската библиотека во Бургас, исто така, со ликовната концепција „Поврзување“, која во есенските месеци ќе се пресели во Банско и Велинград, изјави директорот на КИЦ.

Васко Шутаров изјава 2017

Во претстојниот период Центарот ќе биде домаќин и на изложба на Илиријан Беќири и Башким Меџити, во јули ќе ја организира изложбата на скулптури „Танцот на светлината 2“ на проф. Бранко Јакшиќ, како и изложбите на Љубица Мешкова-Солак (Convergence) и Благојче Наумовски-Бане (Мајки, божици и кралици)...

Според Шутаров, адут во програмата на КИЦ-от за 2017 година е двојното претставување на „Копачката“ и „Гласоечко“ - двете заштитени добра од Македонија на листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО. Тие во Софија ќе бидат промовирани во рамки на програмата за одбележување на Денот на независноста  8 Септември, а воедно ќе бидат претставени и во Регионалниот центар за нематеријално културно наследство на УНЕСКО кој се наоѓа во Софија. За овој повод ќе гостува фоклорната група „Копачка“ од делчевското село Драмче во партнерство со „Трио Гавровски“.

Покрај соработката со автори од Македонија, Шутаров посебно ја истакнува одличната соработка со Македонци кои живеат во Бугарија, претежно во Софија, и се успешни на бугарската културна сцена.

Актери Софија

- Голем дел од нив се партнери во многу настани, како што се актерите Ѓорѓи Георгиев-Антика, Игор Дамјанов, Иван Калошев - кој е првенец во театарот во Стара Загора, кои ни се дел од „Европската ноќ на литературата“, потоа режисерката Ана Батева, 15-ина ликовни уметници од групата „Конекција“. Се гордеам многу со успесите на балетскиот уметник Трајче Стојковски, на телевизискиот режисер Зоран Петревски, кој ги работи најгледаните бугарски ТВ-серијали, на Горан Митевски - еден од најдобрите клупски менаџери во Бугарија, кој е познат тука и ги прави најдобрите забави. Овде веќе се слуша за нив и би сакал кога и дома, во Македонија, би се интересирале за нив. Тоа ним многу им значи. Апелирам македонските институции да им обрнат внимание, да им дадат шанса да го покажат тоа на македонската културна сцена, зашто тие уметници имаат веќе сериозно искуство и успех, додаде Шутаров.